Патриотизмот меѓу минатото и сегашноста
- Нема народ што не го негува патриотизмот и не ја потхранува својата национална гордост. Според филозофите, кај луѓето има две посебни чувства што се две најголеми духовни богатства пред кои човек не може да остане рамнодушен. Тоа се патриотизмот и религијата. И едното и другото се некое архетипско чувство, код вграден во човекот од најстарите времиња. Поради тие несоборливи чувства треба да се појасни дека нема народ што не го негува и подгрева патриотизмот, што не ја потхранува и одржува својата национална гордост изразена и преку државотворна сувереност
- Патриотизмот не може да се третира само како реликт на минатото, иако сѐ поголемо место зафаќа мислењето дека во стариот облик ја потрошил својата историска сила, дека ја нема некогашната енергија за активирање на масите и дека е политичко де моде, надвор од мода. Генерално, во демократските и развиени земји одамна не се манифестира со вжештена реторика или нападна декорација од симболи и митски јунаци, со живеење во митологијата, со минатото и митовите од него, со славење убијци, предавници, главосечачи и терористи, со силно удирање во градите при пиење лута ракија или пиво, со пеење јуначки песни, со турбопатриотизам. Тоа возвишено чувство се докажува со дела, не со зборови
Кај нас овде, во меѓупартискиот живот, подолго време се наметнува темата за патриотизмот, како и исфорсираната поделба на патриоти и предавници. Спротивставеноста произлегува од различитоста на толкувањето кои се облиците на патриотизмот, што се одвива меѓу двете големи македонски партии – ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ уште од самото основање пред триесетина години се декларираше како патриотска организација, додека раководството на СДСМ го поттурнуваше патриотизмот надвор од своите идеолошки и програмски цели, правдајќи се дека патриотизмот води кон национализам. Кулминација на тој став беше изјавата на поранешниот лидер Зоран Заев, кој без око да му трепне изјави дека патриотизмот не ѝ прилега на неговата партија, став што на партијата ѝ го урна авторитетот и ѝ одзеде илјадници гласови. ВМРО-ДПМНЕ по доаѓањето на Христијан Мицкоски го издигна патриотизмот на ниво на светост, а со доаѓањето на Гордана Силјаноска Давкова на чело на државата, тандемот шефови како составен дел на патриотизмот ја востоличија и идеологијата на националната гордост.
Нема народ што не го негува патриотизмот и не ја потхранува својата национална гордост. Според филозофите, кај луѓето има две посебни чувства што се две најголеми духовни богатства пред кои човек не може да остане рамнодушен. Тоа се патриотизмот и религијата. И едното и другото се некое архетипско чувство, код вграден во човекот од најстарите времиња. Поради тие несоборливи чувства треба да се појасни дека нема народ што не го негува и подгрева патриотизмот, што не ја потхранува и одржува својата национална гордост изразена и преку државотворна сувереност.
Збир на силни и искрени чувства
Поимот патриотизам својот зародок го има од времето на Американската револуција во 1776 година, кога е прокламиран лозунгот „владеење одоздола – владеење на народот“, а во Западна Европа се појавува за време на Француската револуција во 1789 година. Под патриотизам се подразбирала подготвеноста и храброста на човекот да се жртвува за доброто на својата нација, патриот бил викан секој оној што се истакнувал во борбата за слобода, рамноправност и братство (либерте, егалите, фратерните). Тие три темели на успехот на револуцијата, подоцна се ставени како главни принципи во устави и закони на многу држави.
Во македонскиот јазик зборот патриотизам значи родољубивост, родољубие. Родољубие е љубов кон татковината и земјата, преданост кон својот народ, чесно ангажирање за негова среќа и негово добро. Патриотизмот, во својата суштина е идеја за слобода, за слободен живот, личен и колективен, а во својата основа е митско–култен феномен, нераскинливо поврзан со поимите за витештво и херојство, со срцето, умот и мудроста.
Патриотизмот во основа е збир на силни и искрени чувства, подразбира почит и приврзаност кон сопствениот народ, држава, јазик и писмо, кон националната историја, култура и традиција, кон националните симболи, националните институции и почитување на законите на државата. Подразбира оформен национален идентитет, развиена национална свест, како и должност за одбрана на слободата, суверенитетот и целината на својата татковина. Не е само љубов кон татковината, кон земјата, племето и јазикот туку тој е израз и на колективниот дух на еден народ. А колективниот дух е создаван, растен и сврзан низ заедничко минато и историја, низ заеднички доживеани среќи и преживеани несреќи, извојувани победи и доживеани порази, низ заедничка борба за исти идеали и за исти принципи. Патриотизам е да се почитуваат законите, институциите, правото и вистината.
Патриотизмот е вид култура
Патриотизмот истовремено е и идеја, идеологија и движење. Не случајно во многу држави во светот постојат патриотски политички партии што припадноста кон нацијата и државата и љубовта кон татковината ја ставаат пред сите идеали и врз тоа ги подредуваат нивните политички вредности и дејности. Такви партии, се разбира, постојат и во политичката номенклатура на плурализмот во Македонија. Иако има повеќе мали партии што се повикуваат на патриотизмот, сепак, ореолот на најпатриотска партија го носи ВМРО-ДПМНЕ од основањето до денес, иако некои аналитичари ја класифицираат повеќе како националистичка одошто патриотска организација.
Тоа е едната страна на гледањата и сфаќањата. Другата посовремена дефиниција ни кажува дека патриотизмот, освен историјата и митовите, е посветеност за унапредување, јакнење и развивање на економскиот, социјалниот, просветно-културниот и друг живот на државата. Патриотизмот е вид култура, како што културата, меѓу другото, е израз на патриотизмот. Во таа смисла патриотизам е државата да ги афирмира своите современи вредности, да ги поддржува и афирмира своите творци, научници, млади уметници, спортисти и други и да овозможи клима за слободно творештво, слобода на говор и јавно изразување на мислењето. И да создава убава слика за државата и за нејзините граѓани во очите на светот. Тоа е модерен патриотизам, израз на љубов кон сопствената држава што треба да го покажува една актуелна власт во денешно време.
Патриотизмот не може да се третира само како реликт на минатото, иако сѐ поголемо место зафаќа мислењето дека во стариот облик ја потрошил својата историска сила, дека ја нема некогашната енергија за активирање на масите и дека е политичко де моде, надвор од мода. Генерално, во демократските и развиени земји одамна не се манифестира со вжештена реторика или нападна декорација од симболи и митски јунаци, со живеење во митологијата, со минатото и митовите од него, со славење убијци, предавници, главосечачи и терористи, со силно удирање во градите при пиење лута ракија или пиво, со пеење јуначки песни, со турбопатриотизам. Тоа возвишено чувство се докажува со дела, не со зборови.
Нема патриотизам без минимум етика
Но поимот патриотизам не е толку едноставен, како што веднаш може да се помисли. Нема патриотизам без минимум етика, без чесност. Немало големи владетели ако не биле вистински патриоти. Може да се наведат редица примери каде што цели народи биле фрлени во хаос, граѓански војни и пролевање крв, западнале во страшна сиромаштија и глад и во други неволји само затоа што кормилото на државата во свои раце го презеле непатриоти, иноверници или лажни патриоти.
Развојот на државата во некои случаи бил запрен од оро што го воделе политички штетници, себичници, клептомани, чии дејства доведувале до сериозни кризи и распади. Арамилак, лицемерство, омраза кон другиот, клеветење на блискиот и разни облици на организиран криминал не се одлики на патриотизмот. Напротив, тие ја покажуваат темната страна на државата, ја уриваат националната гордост и ги пасивизираат патриотските чувства на граѓаните.
Просто речено: не е патриотизам од една страна да ја фалиш, а од друга да ја крадеш државата, да си го крадеш народот.
Не пука, а дејствува
Од добар дел од аналитиката се смета дека најопасно е кога патриотизмот ќе поприми ореол на фанатична идеолошка индоктринација или ќе премине во драматично насилство штетно за околината и за самата држава. Неговото величање е знак на слабост и на криза во едно општество. Уште поопасно е и поштетни последици носи ако патриотизмот преминува во неконтролирана национална заблуда. Тој е витален кога е составен дел на човека, а не кога е нешто наметнато, надувано, хулиганско-варварски настроено, насилно расположено и уривачки насочено. Најлошо е кога патриотизмот прераснува во ароганција и поприма облици на национализам и шовинизам.
Постојат времиња кога патриотизмот се консумира повеќе или помалку. Во време на мир патриотизмот живее во културата, книжевноста, поезијата, уметностите, спортските натпревари. Во време на кризи, особено кога тоа го бараат „повисоките национални интереси“, патриотизмот се употребува како политичка идеологија, дури и како цивилно оружје за да се совлада противникот. Не пука, а дејствува.
Патриот не може вистински да си ја сака својата држава ако со неа владеат тирани, ако не се почитуваат законите, институциите, правото, вистината. Ако со неа владеат некадарници што ја продаваат, ја делат, ја подаруваат, ја валкаат, ја препуштат и ја запустуваат земјата. На една земја не ѝ се потребни силни луѓе, туку силни принципи, диктатура не на личности туку на добри државни закони. Таканаречената силна рака ја бараат слаби и сервилни народи. Несреќни се земјите што почесто зависат од патриотски спасители одошто од нормални владетели. Само правдата ги врзува луѓето, неправдата ги раздвојува.
Патриоти, предавници и лојални граѓани
По најкратката дефиниција, патриот е оној што изразува љубов кон татковината. Патриот значи и земјак, сонародник, припадник на одредена етничка заедница, нација или држава, со формирана национална свест.
Наспроти патриотот е предавникот. Понекогаш тенка е линијата меѓу патриот и предавник, зашто е познато дека многу таканаречени патриоти станале предавници. Речиси никогаш не било обратно – предавникот да станал патриот. Во доба на општа збунетост, во тешки денови на извесност, политичка заплетканост, воени закани и слично поимот патриотизам често знае политички да биде изобличен. Како што било секогаш низ македонската историја: до денес не е начисто кои биле патриоти, кои предавници, иако истите личности во различни периоди и под различна партиска власт се третирани различно. Час херои, час предавници и обратно.
Патриотизмот е составен дел на секое општество, нешто што се подразбира самото по себе. Нормално би било сите припадници на општеството да си ја сакаат татковината, државата во која живеат, работат, растат деца. Во повеќенационални земји каква што е Македонија мнозинскиот народ очекува од другите националности (етнички заедници) барем минимум државен патриотизам и покрај верските, културолошките, идеолошките разлики, побуди и интереси на другите. Притоа, ако не се бара општ патриотизам, тогаш како нормална, легитимна замена би бил императивот на граѓанска лојалност. Патриотизмот, како и граѓанската лојалност може да се изразуваат, да се комбинираат и да се обединуваат на разни начини. Таа комбинација може да биде сила, а не слабост. Таа одговорност во Македонија ја имаат и другите партии, особено партиите на другите етникуми, а пред сѐ партиите на Албанците, ДУИ и Влен.