Оле Гунар Солскјер, поранешниот напаѓач, до неодамна тренер на Молде, настапуваше за тимот од „Олд Трафорд“ повеќе од една деценија, постигнувајќи 126 гола, а се памети неговиот гол за европската титула неколку минути по влегувањето во игра во финалето во 1999 година
Норвежанецот Оле Гунар Солскјер (45) е назначен за привремен менаџер на англискиот фудбалски премиерлигаш Манчестер јунајтед, до крајот на сезонава. Тој ќе го наследи Португалецот Жозе Мурињо, кој доби отказ пред два дена.
Поранешниот напаѓач настапуваше за тимот од „Олд Трафорд“ повеќе од една деценија, помеѓу 1996 и 2007 година, притоа постигнувајќи 126 гола. До неодамна тој му беше тренер на норвешкиот Молде.
– Солскјер веднаш ќе ја преземе екипата и ќе остане на тоа место сѐ додека клубот не ја заврши потрагата по нов менаџер – се вели, меѓу другото, во соопштението на Јунајтед.
Во Јунајтед се враќа и Мајк Филан, кој ќе биде тренер на првиот тим и ќе работи заедно со довчерашните помошници на Мурињо, Мајкл Керик и Киран Мекена.
– Манчестер јунајтед е во моето срце и навистина прекрасно се чувствувам во оваа улога. Со нетрпение очекувам да почнам да работам со овој многу талентиран тим, со колегите тренери и со сите во клубот – изјави Солскјер за клупската интернет страница.
Солскјер можеби најмногу се памети како суперрезерва на Јунајтед. Долго ќе се памети и неговото влегување во игра пред крајот на финалниот дуел во Лигата на шампионите (ЛШ) во 1999 година против Баерн. Тој го постигна победоносниот гол во судиското продолжение за Јунајтед, кој ја освои титулата, прва европска по 30 години. Солскјер освои и шест титули во Премиер-лигата и два ФА-купа. За Норвешка тој одигра 67 натпревари и беше член на селекциите на СП 1998 и на ЕП 2000. По завршувањето на кариерата ги тренираше резервистите на Јунајтед, помеѓу 2008 и 2011 година.
– Оле е легенда на клубот, со огромно искуство, како на теренот, така и во улогата на тренер. Неговата историја во Манчестер јунајтед значи дека тој ја живее и ја дише овдешната култура и сите во клубот се радуваат што тој се враќа назад, заедно со Филан. Убедени сме дека тие ќе ги обединат играчите и навивачите во вториот дел од сезоната – изјави Ед Вудворд, извршниот потпретседател на Манчестер јунајтед.