Граничниот премин Рафа меѓу Египет и Појасот Газа се очекува да биде повторно отворен за цивили следната недела, јави ДПА, повикувајќи се на неколку извори.
Палестински извори соопштија дека објектот официјално ќе биде отворен за пешачки сообраќај во вторник. Палестинските власти, заедно со мисијата на Европската Унија, ќе управуваат со палестинската страна на преминот, додаваат изворите.
Во меѓувреме, египетски безбедносен извор изјави дека се координира со сите страни за повторно отворање на преминот во вторник, со цел да се превезат ранетите и болните од Појасот Газа и да им се овозможи влез на оние кои се заглавени во Египет.
Израелски безбедносни извори нагласија дека сите што влегуваат или излегуваат од Појасот ќе подлежат на израелско одобрување.
Во петокот, италијанскиот министер за одбрана, Гвидо Крозето, изјави дека преминот Рафа ќе биде повторно отворен во двата правци во вторник, согласно мировниот план за Газа на американскиот претседател Доналд Трамп.
Преминот беше накратко повторно отворен за време на примирјето во јануари, кое подоцна пропадна. Израел ја презеде контролата врз палестинската страна на објектот во офанзива во мај минатата година, со образложение дека сака да го спречи палестинското милитантно движење Хамас да шверцува оружје во Газа преку гранични тунели.
Во изминатата недела, Израел и Хамас постигнаа договор за прекин на огнот и ослободување заложници, што се смета за пробив за ставање крај на двегодишната разорна војна.
Египет постојано тврдеше дека го држи преминот отворен од египетска страна и го обвинуваше Израел за нарушување на испораката на помош за густо населениот Појас Газа.