Британија денеска соопшти дека порано оваа недела два авиони на Кралското воено воздухопловство реализирале дванаесетчасовна мисија заедно со сили на САД и НАТО, патролирајќи долж границата со Русија по неколку неодамнешни руски упади на дронови и авиони во воздушниот простор на НАТО.
– Ова беше важна заедничка мисија со нашите сојузници од САД и НАТО – изјави британскиот министер за одбрана Џон Хили.
– Не само што ни овозможува важни разузнавачки податоци за зголемување на оперативната свест на нашите вооружени сили, туку истовремено испраќа и силна порака за единството на НАТО до рускиот претседател Владимир Путин и до нашите противници – додаде Хили.
Специјалниот британски извидувачки авион RC-135 Rivet Joint, специјализиран за електронско надгледување, и морнаричкиот патролен авион P-8 A Poseidon, во четврток летале од арктичкиот регион, минувајќи покрај Белорусија и Украина, со поддршка на американскиот авион за дополнување гориво во воздух KC-135.
Британија соопшти дека операцијата следела по упадите во воздушниот простор на земји членки на НАТО, меѓу кои биле Полска, Романија и Естонија.
Претходно овој месец, лидерите на Европската унија ги поддржаа плановите за зајакнување на одбраната на блокот од руските дронови.