Славниот резбар Нестор Алексиевски го изработил ковчегот во кој се пренесени коските на Гоце Делчев од Софија во Скопје во 1946 година. Го изработил дрвениот ковчег за 21 ден, во што му помагал и неговиот син Миле, пишува покојниот романописец, книжен критичар и раскажувач Данило Коцевски во една колумна во 2019 година. Копаничарот потекнувал од една од најпознатите мијачки резбарски тајфи. Најпрвин изработил цртежи како ќе изгледаат деталите изрезбани на ковчегот, а потоа преминал на нивната реализација во оревово дрво. Ковчегот бил со димензии 0,6х0,6х0,75 метри и лежи на четири лавовски шепи. Изрезбани се разни мотиви од кои главниот е ликот на Гоце Делчев со лаворов венец. Претставени се и тогашните грбови на Македонија и Југославија. На задната страна стои пораката: „Смрт или слобода – Македонска Револуционерна Организацијa“. Во саркофагот била вградена и лимена подлога односно кутија, набавена од лимар во Старата скопска чаршија. Според сведоштвата, коските во сандакот биле обвиткани со црвена свила како симбол на Илинденското востание.
На 100-годишнината од смртта на Гоце Делчев, македонскиот историчар Димитар Димески објавил јубилејна монографија за овој великан на македонското револуционерно движење.

– Делото што Гоце Делчев го остави на генерациите, македонскиот народ го прегрна како свое културно наследство. На денешен ден – понеделник, пред сто години и еден ден, загина големото чедо на овој достоинствен народ. Денеска, едновековната дистанца дозволува да се објективизира животот и делото на Гоце Делчев. Ние мора да ја истакнеме неговата етичност и едукативност и што повеќе да ги доближиме до вистината неговиот живот и дело – истакнал Димески во текот на презентацијата на ова дело.
Тој притоа нагласил дека ретки се народите што имаат личности како што е Гоце Делчев.
– Ретки се народите кои имаат личности од форматот на Гоце Делчев. Со право, современа Македонија има длабок пиетет кон Гоце Делчев, првенецот на македонското револуционерно националноослободително движење кон крајот на 19 и почетокот на 20 век – вели Димески.

Вечното почивалиште на Гоце Делчев во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје
Чествувањето на ликот на Гоце Делчев е тесно поврзано со неговата револуционерно националноослободителна борба. Едно од најголемите чествувања е пренесувањето на Гоцевите останки од Софија во црквата „Свети Спас“ во Скопје, ова чествување било една од најголемите манифестации во историјата на современата македонска држава со највисоки државни и воени почести. Во конаците на црквата „Св. Спас“ е сместен Музејот на Гоце Делчев, во кој се изложени парчиња оружје и други експонати. Може да се најде комитска облека, може да видите парчиња оружје од приватни колекции, јатагани, куршуми, пушки и друго.