ПО ПОВОД ДВАТА ГОЛЕМИ ПРАЗНИКА НА МАКЕДОНИЈА

По повод двата големи празника на Македонија, 11 Октомври, Денот на востанието на македонскиот народ, и 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје, ШКВ Скопје 72 го организира ветеранскиот шаховски фестивал наречен „Незаборав за хероите 1941-1944“. Фестивалот се состои од три турнири, а победниците се стекнуваат со титулата шаховски првак на Скопје за ветеранска категорија (не помлади од 60 години), и тоа: првак во брз шах (пет минути, плус три секунди), првак во забрзан шах (15 минути плус 10 секунди) и првак во стандарден шах (60 минути плус 15 секунди плус 30 секунди по секој потег).
На турнирот во забрзан шах ќе настапат 24 играчи од редовните активни членови на ШКВ Скопје 72 и уште 12 истакнати ветерани (кои не се членови на ШКВ Скопје 72), па вкупниот број ќе биде до 36. Турнирот ќе се игра во девет кола, утре пет (почеток во 10.30 ч.) и в недела четири (од 11 ч.), со право на учество на шаховски ветерани регистрирани во македонската рејтинг-листа на ФИДЕ, а главен судија е Вахид Исмаили. Наградниот фонд е 15.000 денари, распределен на пет дела, од кој победникот ќе добие 5.000 денари. Турнирите ќе се играат во просториите на ШК Алкалоид, за што организаторот му е многу благодарен. Г.И.