Фото: ЕПА

Се зголемува енергетската зависност на Европската Унија од САД

Европа ќе треба да увезе дополнителни 160 танкери со течен природен гас (ЛНГ) претстојната зима поради пониските нивоа на складирање и намалените протоци на гас преку цевководи од Русија и Алжир, што дополнително ќе ја зголеми нејзината зависност од САД, покажуваат најновите податоци.
Се очекува ЕУ да увезе 820 танкери со течен природен гас оваа година, во споредба со 660 минатата година. На ЕУ ќе ѝ требаат околу 16 милијарди кубни метри гас само во зима, велат аналитичарите.
Течниот природен гас ќе покрие 48 проценти од вкупното снабдување со гас во Европа оваа година. За споредба, пред десет години ЛНГ покриваше само 10 проценти од европските потреби, додека во 2021 година уделот беше 23 проценти, пред Унијата драстично да го намали увозот на руски гас.
Американскиот течен природен гас (ЛНГ) веќе ја спаси Европа од значителна енергетска криза во 2022 година, но растечката зависност предизвикува загриженост за потенцијални тарифи од претседателската администрација на Доналд Трамп, објавува „Ројтерс“.
Според процените на аналитичарите, САД веќе обезбедуваат 58 проценти од вкупниот европски увоз на течен природен гас, а во периодот 2026-2029 година овој удел дополнително ќе се зголеми на околу 70 проценти.
Стапката на зафатеност на европските капацитети за складирање гас беше 82,75 проценти на почетокот на месецов, што е намалување од 94,32 проценти минатата година и најниско ниво од 2021 година.
Доколку трендот продолжи, европските испораки на гас би можеле да паднат на само 29 проценти од капацитетот до март в година, најниско ниво за седум години, заклучува британската агенција. Р.С.