ФУДБАЛ
- Во групната фаза неговата употреба се покажа како клучна, дефинирајќи го текот на неколку натпревари. За разлика од ВАР, кој користи специјални камери и тим за поддршка, судиите со системот фудбалска видеоподдршка ги преиспитуваат своите одлуки врз основа на снимки направени од телевизиското емитување, без дополнителна помош
Светската фудбалска федерација (ФИФА) користи алтернативен систем за преглед на спорни ситуации, кој им овозможува на тренерите да побараат преглед на две судиски одлуки по натпревар на Светското првенство за фудбалери до 20 години во Чиле. Системот фудбалска видеоподдршка (ФВП) е „поедноставена верзија“ на системот видеопомошник-судија (ВАР) и го трансформира младинскиот турнир во тест-полигон за нови технологии, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“(АП).
Картоните во зелена боја ги имаат селекторите, кои се задолжени да бараат прегледи. За време на групната фаза, неговата употреба се покажа како клучна, дефинирајќи го текот на неколку натпревари. Системот фудбалска видеоподдршка имаше улога во неколку натпревари. Од 12-те натпревари во првото коло од групната фаза, „лесниот ВАР“ беше употребен во седум. Се покажа како одлучувачки во победата на Норвешка со 1-0 на дуелот со Нигерија по прегледот на играњето со рака, ФВП поништи гол во победата на Аргентина со 4-1 на мечот со Австралија, при резултат 1-0 за Аргентина, употребата на системот од страна на Мексико му помогна да ја поништи одлуката за пенал во ремито 2-2 со Шпанија, а доведе до тоа играч на Парагвај да добие црвен картон на средбата со Јужна Кореја, пишува АП.
За разлика од ВАР, кој користи специјални камери и тим за поддршка, судиите со системот фудбалска видеоподдршка ги преиспитуваат своите одлуки врз основа на снимки направени од телевизиското емитување, без дополнителна помош. Според Светската фудбалска федерација, ФВП има цел да го „демократизира фудбалот со воведување технологија за видеопреглед како дополнителна опција“, не само за натпреварувања од највисоко ниво туку и за оние што „не можеа да си дозволат ВАР-инфраструктура“, благодарение на неговата ниска цена и поедноставено работење, пишува АП.
Тренерите можат да побараат преглед на ситуација само во четири специфични ситуации: дали имало гол, дали имало пенал, поради директен црвен картон или во случај на замена на идентитет при покажан црвен картон.
Системот веќе беше тестиран од Светската фудбалска федерација во други натпреварувања, како што се Младинското првенство во 2024 година и Светското првенство за фудбалерки до 20 години лани, а се очекува да се прошири и на други младински категории, пишува АП. Н.М.
МЛАДИНСКО СП 2025
ОСМИНАФИНАЛЕ
1. Украина – Шпанија 0-1
2. Чиле – Мексико 1-4
3. Аргентина – Нигерија синоќа
4. Колумбија – Ј. Африка синоќа
5. Парагвај – Норвешка синоќа
6. Јапонија – Франција синоќа
7. САД – Италија 21.30 ч.
8. Мароко – Ј. Кореја утре, 1 ч.
ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
Мексико – Победник 3
Шпанија – Победник 4
Победник 5 – Победник 6
Победник 7 – Победник 8