Фото: Пиксабеј

Јогата се утврди на нашиот терен и можеме да кажеме дека во последните десетина години стана рекреација за многу жени. Мажите сè уште помалку ја практикуваат, но некои од најпознатите учители всушност се припадници на машкиот пол. Како и да е, кога се навикнавме на асаните и техниките на дишење, следен чекор е поделбата на видовите јога. Кај нас денес се присутни различни стилови на вежбање јога. Различните имиња на кои наидуваме се винјаса, аштанга, јин-јога, кои постојат за да ни го насочат концептот на часовите на кои ќе се приклучиме. Но важно е да разбереме дека секоја јога што се занимава со физичко вежбање всушност е хата-јога. Сè друго се само имиња на различни стилови на вежбање во нејзините рамки.
Сепак, кога во распоредот на некој јога-центар ќе прочитате хата-јога, тоа главно значи дека на тие часови се практикува традиционален стил на вежбање со подолги задржувања на позицијата, во спротивност со современите типови на јога, кои може да бидат подинамични. За да ја разбереме оваа древна практика треба да знаеме дека јогата, која станува сè попопуларна низ светот, е сеопфатен стил на живот, а работата со физичкото тело е само еден од осумте степени на јога што нè водат кон самоосознавање. Па така, ако го практикуваме само физичкиот аспект, нешто работиме погрешно. Токму големите јогини кажуваат дека дури и ако вежбаме од чиста рекреација, јогата дејствува подлабоко. Физичките позиции се осмислени така што освен што ги истегнуваат и зајакнуваат нашите мускули, тие дејствуваат и на подлабоките нивоа на нашето постоење. Доколку се извршуваат правилно, позициите ги чистат нашите енергетски канали, ги ослободуваат потиснатите емоции и на крајот го менуваат нашиот карактер во правец на најдобрата верзија од нас.