Тегобите како што се тешка исцрпеност, болки, расеаност и слично лекарите ги нарекуваат „грип“, а процените велат дека само во САД има 3,3 милиони луѓе со ваква дијагноза. За хроничниот умор со години се веруваше дека не е никаква вистинска болест, ниту дијагноза, туку измислена комбинација на психосоматски тегоби. Луѓето што се жалеа на исцрпеност, која не исчезнува дури ни со сон, а се влошува со најмалата физичка активност – конечно добија медицинско внимание и официјална дијагноза.
Дури 3,3 милиони возрасни лица во САД имаат синдром на хроничен умор
Американските медицински службеници објавија прва национално репрезентативна процена дека 3,3 милиони возрасни лица во САД имаат синдром на хроничен умор, односно мијалгичен енцефаломиелитис. Конечно, оваа болест доби и свој код – Г93.
Од Центарот за контрола и превенција од болести во Атланта, најважната медицинска установа во САД, соопштија дека оваа бројка е поголема од онаа што ја сугерираа претходните студии, а на тоа зголемување на бројот влијаеше и продолжениот умор.
– Оваа состојба, очигледно, не спаѓа во категоријата на ретки болести – изјавила д-р Елизабет Анџер, една од коавторите на извештајот.
За хроничниот умор е карактеристично чувството на тешка исцрпеност, кое трае најмалку шест месеци, и на таквата личност ѝ помага само пасивен одмор во кревет. Пациентите се жалат и на болки во целото тело, расеаност и тегоби што се влошуваат по некоја физичка активност или работа. За нејзино третирање нема специфичен лек, ниту лабораториски тест на крвта за откривање, ниту би бил од корист скенер за брзо поставување дијагноза. Лекарите не можеле да ја утврдат причината за тегобите, иако истражувањата сугерирале дека најверојатно станува збор за пролонгирана, продолжена реакција на телото на инфекција или на нешто друго што го активирало имуниот систем.
Синдромот е многу почест кај жените
Првите случаи биле забележани уште пред 40 години во Њујорк, Невада… Лекарите биле склони да ги оценуваат овие тегоби како психосоматски, често синдромот на хроничен умор го нарекувале „јупи грип“. Некои лекари ни денес не мислат поинаку. Затоа пациентите се доживуваат како хипохондрици, анксиозни и депресивни.
Новиот извештај на центарот во Атланта е заснован на анкета на 57.000 возрасни лица во САД во текот на 2021 и 2022 година. Учесниците одговарале на прашањето дали нивниот лекар некогаш им рекол дека имаат мијалгичен енцефаломиелитис, односно синдром на хроничен умор, и дали сè уште го имаат. Само околу 1,3 отсто одговориле потврдно на двете прашања. Така стигнале до бројот од неверојатни 3,3 милиони лица во САД што го имаат овој синдром. Истражувањето исто така покажало дека синдромот е многу почест кај жените отколку кај мажите, што беше потврдено од претходни помали студии. Занимливо е што студијата утврдила дека синдром на хроничен умор почесто пријавуваат сиромашни луѓе, а ретко богати.