Фото: „Нова Македонија“

ОДБОЈКА – ПО ЖДРЕПКАТА ЗА ЕП 2026

  • Верувам дека нашите играчи, како и секогаш, ќе ги потврдат своите вредности и ќе сторат сѐ, за којзнае по кој пат да ги израдуваат љубителите на спортот и на одбојката во Македонија, вели селекторот Миленкоски

Сите групи се тешки, но нашата е убедливо најтешка. Сите репрезентации имаа одлични резултати на последното Светско првенство, а Израел беше трет во Европската златна лига. Речиси сите противници завршија со смена на генерации и сега бркаат резултат. Многу сериозна работа ја чека нашата репрезентација. Првиот впечаток е дека ќе биде многу тешко да се повтори успехот од претходното Европско првенство, пласман во следната рунда, но од друга страна мора оптимистички да се гледа и да се верува во својот квалитет. Ова го велам затоа што имаме многу квалитетен состав, кој веќе четврти пат во низа ќе учествува на една ваква спортска манифестација, вели македонскиот селектор Јошко Миленкоски, по ждрепката на групите во групната фаза за Европското првенство (ЕП) в година, пренесе Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
Македонската одбојкарска репрезентација играше на континенталните шампионати во 2019, 2021 и во 2023 година, кога се пласира во осминафиналето. На ЕП 2026 е во група со домаќинот Бугарија, Полска, Украина, Португалија и со Израел.
– Верувам дека нашите играчи, како и секогаш, ќе ги потврдат своите вредности и ќе сторат сѐ, за којзнае по кој пат да ги израдуваат љубителите на спортот и на одбојката во Македонија – рече стратегот на македонскиот национален тим.
Европското првенство ќе се игра во четири земји, од 9 до 26 септември 2026 година. Италија е носител на групата А, натпреварите ќе ги игра во Неапол, Модена, Торино и во Милано, Бугарија ќе биде носител на групата Б, во Варна, Финска во Тампере ќе ги пречека конкурентите во групата Ц, а Романија во групата Д ќе ги игра дуелите во Клуж. Г.И.