Високиот комесар на ОН за човекови права, Волкер Турк, денеска изјави дека мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп за Газа е „клучна можност засекогаш да заврши масакрот и страдањето во оваа палестинска територија“.
Турк се надева дека моментумот за завршување на војната во Газа „ќе го отвори патот за траен прекин на непријателствата, проследен со закрепнување и реконструкција, во согласност со меѓународното право за човекови права и хуманитарното право, како и за многу потребното решение за две држави“, соопшти неговата канцеларија на Платформа X.
– Ова е клучна можност за сите страни и влијателни држави да дејствуваат со добра волја и еднаш засекогаш да го прекинат масакрот и страдањето во Газа, да го преплават Појасот Газа со хуманитарна помош и да обезбедат ослободување на заложниците и многу палестински притвореници – се додава во соопштението.
Планот на САД вклучува прекин на огнот, ослободување на заложниците во рок од 72 часа, постепено повлекување на израелската армија од Газа, разоружување на Хамас и негово отстранување од власт, како и протерување на неговите борци од Газа.
Светската здравствена организација (СЗО) го поздрави мировниот план за Газа, вклучувајќи ја и можноста за обнова на болниците, додека генералниот директор на здравствената агенција на ОН, Тедрос Аданом Гебрејесус, денеска изјави дека „мирот е најдобриот лек“.
Исламистичкото движење Хамас синоќа изјави дека е подготвено за итни преговори за ослободување на Израелците што ги држи како заложници во Газа и за прекин на војната, како дел од планот предложен од Трамп.
Израел утрово објави дека се подготвува да ја спроведе првата фаза од планот на Трамп за ослободување на сите заложници, без да спомене прекин на бомбардирањето, а потоа израелската армија ја објави својата намера да продолжи со операциите во Газа и покрај повиците на семејствата на заложниците и Трамп веднаш да го запре бомбардирањето, бидејќи се чини дека е можен договор со Хамас, барем за ослободување на затворениците.