Според најновото ажурирање на базата на податоци на ММФ: Глобалниот долг надминува 200 проценти од светскиот БДП
- Постојано високиот глобален фискален дефицит, кој во просек изнесува околу пет проценти од БДП, е главниот двигател на растечкиот јавен долг. Овој дефицит сè уште ги одразува наследените трошоци од ковид-19 – како што се субвенциите и социјалните бенефиции – во комбинација со растечките нето-трошоци за камата
Аналитичарите на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) укажуваат дека иако глобалниот долг се стабилизира, и понатаму останува на покачено ниво, спротивно на континуираното намалување на кредитирањето во приватниот сектор што делумно го неутрализира поголемото задолжување од страна на владите.
– Вкупниот долг малку се промени минатата година, нешто над 235 проценти од глобалниот бруто-домашен производ, според најновото ажурирање на базата на податоци за глобалниот долг на ММФ – се посочува во анализата изработена од Витор Гаспар, Карлос Едуардо Гонкалвес, Маркос Поплавски-Рибеиро, аналитичари на ММФ.
Тие укажуваат дека приватниот долг се намали, и сега е под 143 проценти од БДП, најниско ниво од 2015 година. Тоа одразува намалување на обврските на домаќинствата и мала промена во долгот на таканаречените „нефинансиски корпорации“.
Од ММФ укажуваат дека „спротивно на приватниот долг, јавниот долг се зголеми на речиси 93 проценти“, и тоа според базата на податоци што одразува „годишно истражување за износот и составот на долгот што го поседуваат владите, бизнисите и домаќинствата“!
– Во американски долари, вкупниот долг малку се зголеми на 251 трилион долари, при што јавниот долг се зголеми на 99,2 трилиони долари, а приватниот долг се намали на 151,8 трилион долари – се посочува во нивната анализа.
Различни трендови меѓу групите приходи
ММФ укажува дека овие глобални просеци маскираат значајни разлики меѓу земјите и групите на приходи. Додека САД и Кина продолжуваат да играат доминантна улога во обликувањето на глобалната динамика на долгот (како што покажал мониторингот од април оваа година), нивоата на долг и дефицит во многу земји сè уште се високи и загрижувачки според историските стандарди – и во развиените и во економиите во развој.
– Во САД, долгот на општата влада минатата година се зголеми на 121 процент од БДП (од 119 проценти). Исто така ММФ тврди дека и Кина забележа зголемување од 6 отсто, односно од 82 на 88 проценти. Со исклучок на САД, јавниот долг во развиените економии се намали за повеќе од 2,5 поени на 110 проценти од БДП. Зголемувањата во некои големи, напредни економии како Франција и Велика Британија, беа компензирани со падови во Јапонија и помалите економии, како што се Грција и Португалија – укажуваат од ММФ.
Меѓу другите пазари во развој и економии во развој, приватното задолжување се зголеми во поголемите економии како Бразил, Индија и Мексико, но се намали во Чиле, Колумбија и Тајланд.
Што ги придвижува трендовите на раст на јавниот и на приватниот долг?
Прво и основно: Постојано високиот глобален фискален дефицит, кој во просек изнесува околу пет проценти од БДП, е главниот двигател на растечкиот јавен долг! Овој дефицит сè уште ги одразува наследените трошоци од ковид-19 – како што се субвенциите и социјалните бенефиции – во комбинација со растечките нето-трошоци за камата.
– Намалувањето на приватниот долг произлегува од различни фактори во зависност од земјата и групата приходи. Во многу напредни економии, компаниите позајмуваат помалку, веројатно како одговор на намалените перспективи за раст, продолжувајќи го трендот започнат во 2023 година. Во САД, силните билансни позиции и поседувањето готовина, исто така, придонесуваат за пониско корпоративно задолжување. Во други случаи, зголемувањето на јавниот долг заедно со намалувањето на приватниот долг укажува на ефект на истиснување, во кој големото јавно задолжување ја ограничува достапноста на кредити или ги зголемува неговите трошоци за приватниот сектор – се нагласува во анализата на ММФ.
Зголемувањето, и покрај континуираната слабост во секторот за недвижности, го одразува сè уште изобилството на кредити, особено за поддршка на стратешките сектори. Спротивно на тоа, долгот на домаќинствата се намали, бидејќи слабата побарувачка за хипотеки и загриженоста за вработувањето и растот на платите продолжуваат да го оптоваруваат задолжувањето.
– На други места во големите пазари во развој и економиите во развој, зголемувањето на приватниот долг произлегува од високите каматни стапки и нивното влијание врз нефункционалните кредити (како во Бразил), подобрените перспективи за раст на краток рок (како во Индија) и спојувањата и преземањата на корпорациите. Спротивно на тоа, послабите перспективи за раст доведоа до намалување на приватниот долг во земји како Колумбија или Тајланд – објаснуваат аналитичарите на ММФ.
Од фондот препорачуваат владите да помогнат во управувањето преку давање приоритет на постепените фискални приспособувања во рамките на веродостоен среднорочен план за намалување на јавниот долг, а наедно да се избегне истиснување на приватното задолжување и инвестиции. Во исто време, поттикнувањето средина што го поттикнува економскиот раст и ја намалува неизвесноста ќе помогне во ублажувањето на јавниот долг и ќе ги охрабри инвестициите во приватниот сектор. Е.Р.
Каква е задолженоста на Македонија?
По првиот квартал кога задолжувањето беше намалено од 62,4 отсто на 57,7 проценти од бруто-домашниот производ (БДП), во вториот квартал задолженоста на нашата земја повторно се зголеми. Според последните податоци објавени на веб-страницата на Министерството за финансии, заклучно со јуни, јавниот долг достигнал 9,71 милијарди евра.
Притоа, на квартално ниво, односно во вториот во однос на првиот квартал е зголемен за 130.300.000 евра. На крајот од јуни во споредба со крајот на март, јавниот долг бележи раст не само како апсолутен износ туку и во проценти, достигнувајќи 58,5 отсто од БДП. На крајот на првиот квартал, јавниот долг на Македонија спадна на 57,7 проценти од БДП и имаше значителен пад од 4,7 процентни поени во однос на крајот на 2024 година, кога достигнуваше 62,4 отсто. Е.Р.