Јужноафриканскиот амбасадор во Франција, Нати Мтетва, е пронајден мртов пред хотел во Париз, објави денеска канцеларијата на француското обвинителство, додека извори блиски до случајот споменуваат дека веројатно станува збор за самоубиство, пренесува МИА.
Според еден од тие извори, 58-годишниот амбасадор бил депресивен и можеби си го одзел животот.
Амбасадорот, чие целосно име е Нкосинати Емануел Нати Мтетва, резервирал соба на 22-ри кат, чиј прозорец бил насилно отворен, соопшти обвинителството.
Телото на Мтетва, близок пријател на поранешниот јужноафрикански претседател Џејкоб Зума, било откриено пред хотелот, а дежурниот судија излегол на местото на настанот, додаде обвинителството.
Исчезнувањето на амбасадорот вчера го пријавила неговата сопруга, која изјавила дека таа вечер добила вознемирувачка порака од него, соопшти канцеларијата на обвинителството.
Мтетва беше министер за уметност и култура на Република Јужна Африка од 2014 до 2019 година, а потоа министер за спорт, уметност и култура до 2023 година, се наведува на веб-страницата на амбасадата.
Помеѓу 2007 и 2022 година, Мтетва беше висок функционер во Африканскиот национален конгрес (АНК), владејачката партија по првите демократски избори во 1994 година.