Познато е дека сомот оди кон површината на водата при разни детонации, силни вибрации или грмежи. Кога ќе го изнервира вревата, тој тргнува во потрага по нејзиниот извор станувајќи мошне лаком
Многу риболовци редовно ја следат временската прогноза, но не само за да не ги погоди некое поголемо невреме додека се на рибарење, туку и за да ja предвидат активноста на рибите во одредени временски услови тој ден. Познато е дека сомот оди кон површината на водата при разни детонации, силни вибрации или грмежи. Кога ќе го изнервира вревата, тој тргнува во потрага по нејзиниот извор станувајќи мошне лаком, се движи близу површината на водата, па оттаму произлегува и ловењето на сомот со техниката на т.н. буч.
Со брзото зголемување на воздушниот притисок, пак, крилјата на инсектите што летаат над површината на водата стануваат влажни и тешки, па затоа тие масовно паѓаат во водата. Тогаш многумина ќе забележат кругови во водата, како и скокање на рибите над водата, во зависност од тоа за кој вид риба станува збор. Таков ден всушност е одличен за мушичарење. На некои езера, пак, по летниот пороен дожд и брзото заладување, рибите крап и деверика стануваат мошне раздвижени. Тогаш со помош на тапа, како и со техника на длабински риболов, се постигнуваат најдобри резултати.
Првиот снег што ќе падне на езерото носи добар улов на крапови и крупни бабушки. Брзото зимско заладување предизвикува рибите да тргнат во лов. По однесувањето на рибите пред и во текот на секоја поголема промена на времето, може точно да се заклучи кога тие се активни и во кои слоеви на водата.
За влијанието на времето врз рибите може да се примени и следниов експеримент. Во аквариум со 2-3 см дебел слој песок на дното, се ставаат неколку караси. Пред секоја голема временска промена, тие толку се возбудуваат, што го креваат песокот и ја матат водата, во спротивно лежат и се многу мирни.
Според познатиот ловец, натуралист, експерт за риболов, Џон Алден Најт (1890-1966), атмосферскиот притисок е решавачки за активниот лов на риби. Рибата со својот меур реагира како и најчувствителниот барометар.
Постојат неколку непишани правила во врска со ова, а тие се следниве: кога воздушниот притисок е во пораст, тоа ветува добар успех во риболовот. Кога притисокот е постојано висок, значи просечен успех во риболовот. Кога притисокот е постојано низок, значи дека ќе се има среден успех во фаќањето риби и кога воздушниот притисок е во пад, се очекува многу лош успех за риболовецот.
Ловџија со копје
Без заштитна пречка, без помошно оружје и други помагала од земја, Американецот Џош Бовмар успеал да улови мечка во 2016 година. Обично не им се препорачува на ловџиите да ловат со вакво оружје против толку силно и големо животно, како што е мечката. Но Бовмар ризикувал, и решил да ја спроведе оваа опасна идеја во канадското место Алберта (Канада). Џош во лов тргнал само со копје. Тој чекал додека големата мечка доволно не му се приближила. Кога успеал да ја погоди, изјавил дека од носот до опашката била долга 2,2 метра. Што се однесува до овој ловџија, тој е и одличен спортист и сопственик на фитнес-сала, а бил активен натпреварувач во фрлање копје во САД и притоа бил и мошне прецизен со него. Сите овие детали не би биле значајни, ако мечката го видела ловџијата или ако Џош евентуално промашел со своето копје. Тогаш сигурно немало да му се пишува добро.