Фото: приватна архива

Учениците од битолското ООУ „Е. Караманди“ го посетија рекреативниот центар Стрежево во с. Нижеполе

Учениците од ООУ „Елпида Караманди“, Битола, ја започнаа учебната година со незаборавна есенска авантура во природа. Заедно со наставниците, тие го посетија рекреативниот центар Стрежево во с. Нижополе, сместен на 1.300 метри надморска височина, каде што уживаа во чистиот воздух, есенските пејзажи и во разновидни активности.
По пристигнувањето, децата ги пречекаа ливади обоени во есенски нијанси и мирис на борова шума. Наставниците организираа тимски игри, спортски предизвици и креативни работилници, со цел да ги поттикнат соработката, љубопитноста и љубовта кон природата кај учениците.
– Децата учат најмногу кога учењето е поврзано со доживување. Природата е најдобрата училница – истакна еден од наставниците.
За учениците, оваа авантура беше повеќе од еднодневна екскурзија.
– Многу ни беше убаво, игравме игри и научивме работи што не ги знаевме – вели една ученичка.
Друг ученик додава: „Најмногу ми се допадна што сите бевме заедно и се забавувавме на свеж воздух“.
Организаторите нагласуваат дека ваквите активности не само што го збогатуваат наставниот процес туку и создаваат спомени што траат цел живот. Учениците се вратија дома со насмевки, исполнети со позитивна енергија и нови пријателства.
Есенската авантура во Стрежево уште еднаш докажа дека училиштето е место каде што се учи, но и место каде што се живее – со дружба, радост и истражување на светот околу нас.

Подготвила: наставничка Гордана Угриновска