Фото: Пиксабеј

Швајцарските глечери годинава се топат со алармантна брзина, а научниците предупредуваат дека губењето на ледената покривка започнало неколку недели порано од вообичаеното поради зимата со слаб снег. Истражувачите од Швајцарија секоја година го одбележуваат Денот на губење на глечерите, а тоа е моментот кога целиот снег и мраз што се акумулираат во текот на зимата се топат на глечерот.
– Во некои региони на североисточна Швајцарија никогаш не сме имале толку мало количество снег на глечерите на крајот од зимата – изјави истражувачот Андреас Баудер.

Додека има снег на земјата, мразот нема да се стопи. Но годинава топењето на снегот започна кон крајот на мај и продолжи брзо во текот на јуни и јули.

Во Швајцарија снежната и ледената покривка се мерат детално секоја пролет и есен на околу 20 од приближно 1.400 глечери во земјата. Помеѓу 10 и 15 од нив се следат во текот на летото. Овие набљудувања се користат за да се утврдат деновите на губење на глечерите.

Меѓу најголемите швајцарски глечери се глечерите Алетш и Горнер. Во споредба со лани, годинава летото започна со многу помалку снег, според Баудер. И покрај тоа, глечерите сепак изгубија повеќе маса во 2024 година отколку што добија во текот на зимата.