Пијано-дуото „Гелебешеви“ в четврток, со почеток во 20 часот, ќе настапи во Камерната сала на Македонската филхармонија. На програмата се дела од Супе, Вагнер, Росини, Рахманинов и Шостакович.

Во сферата на камерното музицирање, пијано-дуото „Гелебешеви“ од почетокот на своето дејствување во 2001 година се наметнува како ансамбл со исклучително високопрофилиран квалитет во уметничката изведба и гради успешна концертна кариера во Македонија и на голем број интернационални подиуми во светот. Дуото го сочинуваат двајца истакнати македонски пијанисти, Катерина Костадиновска-Гелебешева и Глигор Гелебешев. Тие поседуваат богати и разновидни уметнички сензибилитети, обединети во успешна хомогена целина. Пијано-дуото „Гелебешеви“ е препознатливо на концертната сцена по уникатниот творечки перформанс.

Репертоарот на дуото „Гелебешеви“ е селекција од колоритни дела со разновидна стилска и жанровска определба што најсликовито може да го претстави естетскиот афинитет на двајцата уметници. Започнувајќи од класиката и сонатите на Моцарт, концертните програми содржат оригинални дела за пијано – четири раце и дела за две пијана, со посебна нагласка на епохата на романтизмот: Шуберт, Шопен, Росини, Брамс, Дворжак, Шабрие, Лист, како и сите бои и звуци на 20 век – Дебиси, Равел, Рахманинов, Хачатуријан, Барток, Барбер, но и низа композиции од современи композитори од 21 век. Со цел промоција на македонската музичка култура надвор од границите на својата земја, дуото особено внимание ѝ посветува на изведбата на пиеси од современи македонски композитори, пишува музичката рецензентка Викица Костоска-Пенева.