Андреа Маркоска, продуцентка и основачка на проектот „Андр 600“

  • „Андр 600“ може да стане катализатор за поголема видливост. Кога ќе се покаже дека постојат квалитет и публика, тоа може да донесе поголема поддршка од институциите и медиумите. Веруваме дека ваквите иницијативи создаваат мрежи на поддршка меѓу уметниците, вели Андреа

Андреа Маркоска е апсолвентка на Факултетот за драмски уметности, на катедрата за продукција, и на Филозофскиот факултет, на Институтот за историја на уметност и археологија. Искуството со организација и продукција го започнува во 2021 година како асистентка на кратки филмови и продуцентка на студентски филмови и претстави. Во 2023 година станува дел од организацискиот тим на МТФ „Војдан Чернодрински“, најстариот и најголем театарски фестивал во Македонија, во тимот за продукција. Истата година станува дел од независното театарско здружение „Штрих“, каде што работи како продуцентка и менаџерка на проекти. Маркоска има искуство како продукциска асистентка на филмови и на претстави и како продуцентка на театарски претстави.

Периодов таа е ангажирана на првиот фестивал на независната театарска продукција од Западен Балкан и платформата „Андр 600“, поддржани од Британскиот совет преку програмата „Култура и креативност на Западен Балкан“.Маркоска тука се потпишува како основачка и продуцентка.

Како настана идејата за „Андр 600“, која беше иницијалната мотивација зад овој проект?
– „Штрих“ постои од 2021 година и е создадено од млади театарски уметници. Како здружение сфативме дека не сме доволно поврзани со колегите од регионот и дека има многу колективи како нас, со иста страст и потреба за промени во театарската сцена. Поврзувањето со тие колеги значи создавање заедништво во кое заедно можеме да дејствуваме посилно и да иницираме промени што како поединечни колективи тешко би ги постигнале. Таквите врски отвораат простор за идни соработки што би ја зацврстиле позицијата на независните колективи и би им дале поголема видливост и влијание на регионалната театарска сцена.

Од оваа потреба се роди идејата за создавање платформа и фестивал каде што независните театри и колективи од регионот ќе можат да се сретнат и да ги споделат своите креативни визии. Целта е да се зацврстат регионалните односи и да се поттикне соработката меѓу младите театарски уметници.

Забележавме дека постои богата и витална независна театарска сцена во Западен Балкан, но постојат малку можности за меѓурегионална соработка и размена на искуства. Името „Андр 600“ се однесува на просторното растојание меѓу овие земји – сите сме под 600 километри, а сепак многу малку знаеме едни за други или соработуваме.

Која е целната група на „Андр 600“?
– Како иницијатива создадена за зајакнување и вмрежување на независните театри во регионот, првенствено се обраќаме кон таквите колективи, да се придружат на платформата и да ги споделат нивните искуства со преостанатите. Со ваквото здружување можеме да ги свртиме очите на државните културни институции кон вредноста и иновативноста на регионалната независна театарска сцена. Истовремено, ваквиот фестивал е ревија што ќе ги запознае публиката и критиката со тенденциите и предизвиците на независната сцена.

Проектот доби поддршка од Британскиот совет и е дел од регионална иницијатива. Колку е важно за вас како млада продуцентка да работите на проекти со меѓународна димензија?
– Работата на меѓународни проекти ти дава поширока перспектива и пристап до ресурси и знаења што инаку не би ги имала. Британскиот совет ни овозможи да го видиме проектот во поголем контекст и да учиме од најдобри практики. Целиот проект, настрана од фестивалот, вклучи настани на фестивалите „Уметноста и човековите права“ на „ДАХ театар“ во Белград и „Корифеј фестивал“ на „Корифеј театар“ во Колашин. На тие настани присуствуваа гости од земјите од регионот, каде што се дискутираше за теми поврзани со независниот театар. Со самото тоа добивме поширока перспектива и имавме можност да ја разгледаме сцената надвор од македонскиот контекст и да направиме паралели.
За млад продуцент, ова е непроценливо искуство за професионален развој.

Што значи „Андр 600“ за независната театарска сцена на Западен Балкан? Во која мера веруваш дека вакви иницијативи може да ја поместат нагоре независната сцена?
– „Андр 600“ може да стане катализатор за поголема видливост. Кога ќе се покаже дека постојат квалитет и публика, тоа може да донесе поголема поддршка од институциите и медиумите. Веруваме дека ваквите иницијативи создаваат мрежи на поддршка меѓу уметниците. Фестивалот и сите активности годинава ги гледам како пилот-проект, кој понатаму ќе прерасне во традиционален настан за промоција на независната театарска сцена.

Колку младите автори, режисери, продуценти и актери имаат простор за продукција и видливост без формална институционална поддршка и како „Андр 600“ одговара на таа реалност?
– Реалноста е дека младите уметници се соочуваат со ограничени ресурси и можности. Низ целиот регион ситуацијата е горе-долу иста. Независните театарски уметници секојдневно наоѓаат различни начини да добијат простор и видливост. „Андр 600“ е платформа каде што гласно се дискутираат овие проблеми и се бара нивно решение.

Како изгледаше процесот на селекција на проектите и продукциите што се дел од првото издание на „Андр 600“?
– Како независен театар ни беше важно да им се даде простор на што повеќе независни театарски организации. Селекцијата не се базираше нужно врз конкретни параметри, уметнички квалитет или вредности. Едноставно сакавме да ја прикажеме реалната слика за независната театарска сцена од регионот, имајќи ги на ум нашите технички и логистички ограничувања. Предност имаа колективите што самоиницијативно се придружија на платформата.

Во услови кога културниот сектор често функционира на маргините, што е најтешко во водењето независен проект од ваков обем, а што те држи мотивирана да продолжиш?
– Најтежок е континуитет во работата. Со константното барање финансиски средства и логистичко планирање без стабилна поддршка, не можеме да правиме долгорочни планови. Нормално, главна мотивација ми се колегите од „Штрих“ и сите луѓе што сакаат да направат промена.

Како гледаш на иднината на независната продукција на Балканот? Што би сакала да се смени во културната политика за да се создаде поодржлива сцена за новите генерации уметници?
– Сакам да видам повеќе долгорочни стратегии за поддршка на млади уметници, поедноставени процедури за добивање грантови и признавање од страна на институциите дека независната сцена е витален дел од културниот пејзаж. Потребни се инкубаторски програми и менторирање за младите продуценти.