„ПРО-ЗА БАЛКАН“
Може ли вештачката интелигенција да го замени местото на писателот во неговото творештво? Колкава е заканата за литературата, за авторството, за легатот што го остава секој писател зад себе? Ова беа некои од темите што ги отворија панелистите на тркалезната маса „Војни, вештачка интелигенција, литература“ што се одржа во Јуроп хаус во Скопје, во рамките на 13. Интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“. Дебатата ја модерираше писателот и преведувач Владимир Јанковски, а учествуваа годинашниот добитник на наградата „Прозарт“ – словенечкиот автор Евалд Флисар, македонските писателки Лидија Димковска и Хана Корнети, бугарската писателка Елена Алексиева, српскиот писател и поет Небојша Лапчевиќ и една од најпознатите словенечки писателки за млади читатели, Јана Бауер.
Панелот го почна Дејан Трајкоски, организатор на „ПРО-ЗА Балкан“. Тој се повика на мислата на Хераклит „војната е татко на сè и крал на сè“ разгледувајќи ја преку друг медиум, филмот.
– Јас сум фасциниран од филмот „Духовите на Инишерин“, кој многу прецизно, на многу нивоа, ја докажува токму реченицата „војната е татко на сè и крал на сè“. Тие што го гледале, знаат дека големата војна цело време се случува во заднина, додека главен фокус имаат „малите војни“, кои, предизвикани од напуштањето, понекогаш може да бидат и поголеми од големите војни – рече Трајкоски, поздравувајќи го и издавачот од Украина, земјата што е зафатена со војна.
Јанковски ја отвори дебатата со прашањето каква е улогата на ВИ во создавањето книжевни текстови и дали може ли да создаде вистинска литература.
– Со оглед на тоа што 80 отсто од светот не е многу интелигентен, вештачката интелигенција е многу добра работа. Но може да се користи за многу злобни нешта, прашањето е како да се избегне тоа. Иако мислам дека е корисна, ме плаши како писател и како личност и мислам дека ќе направи огромна штета врз човештвото. Не знам како да се бориме против неа – рече лауреатот Флисар.
Димковска нема многу искуство со користење ВИ. Но таа го раскажа експериментот на нејзината 18-годишна ќерка. Таа го прикачила последниот ракопис на Димковска и добила повратна информација за расказот, дури и целосна валоризација.
– Кога не би знаела, би рекла дека е дело на одличен рецензент, критичар. Живееме во свет на поствистина. Не знаеме што е вистина. Сметам дека ВИ е многу добра алатка за перење на мозокот. Но се радувам што младите практично ја користат, како добра алатка. Верувам дека светот на младите останува – рече Димковска.
Хана Корнети, како најмлада панелистка, го претстави своето гледиште за ВИ. Таа смета дека воопшто не треба да се поставува прашањето дали ВИ може да напише нешто подобро од човекот.
– Тоа е сосема неважно. Некој ужива во готвење, друг во пишување, трет во музика. Ако уживам во пишувањето, зошто би го дала на некој друг да го работи? Има канали, начини каде што ВИ може да биде корисна алатка – рече таа.
Небојша Лапчевиќ смета дека ВИ не може да го замени авторот.
– Можеме да уживаме во несовршеноста на уметноста. Таа е комплетна само кога е несовршена. Песната е совршена само кога е недовршена – рече тој.
Според Јана Бауер, заканата од ВИ не е голема, туку е веќе трагична, особено за најмладите корисници.
– Додека читам текст, стигнале три мејла. Мојата концентрација и читање се нарушени и не можам да продолжам да читам. Екраните се толку привлечни, сјајни, чисто задоволство. Зошто да се мачиш да одолееш? Порано децата беа оставани сами на улица, денес се оставени сами пред екраните. Ако само 20 отсто од луѓето сме паметни, како тие ќе пораснат? Затоа, да уживаме во ова, зашто можеби сме последна генерација што организира вакви настани – рече Бауер.