Фељтон на „Нова Македонија“ според документарните серии и филмови на продукцијата „Аристон“ и книгите од Никола Ристевски, магистер по маркетинг -менаџмент, публицист и продуцент
Мистична Македонија: Музеј под отворено небо
- Добре дојдовте во Македонија, земја на волшебни предели, богата историја и уникатни знаменитости. Во овој фељтон ќе ви ги претставиме природните ресурси, културното наследство и туристичкиот потенцијал на Република Македонија
М-р Никола Ристевски
Да ти тргне како по вод
Водата има способност за паметење, односно меморија. Модерната наука веќе докажа дека различните вибрации, испратени преку етерот кон водата како звук, влијаат на нејзината кристална решетка. Најголем процент од составот на нашиот заеднички дом – планетата Земја и на нашите тела е водата. Нејзината моќ за исцелување била позната уште пред многу векови, кај древните цивилизации што живееле пред нас. Тоа што денес напредната наука го определува како киматика, наука за брановите, и лекување со звук (sound healing), било правено уште пред многу векови, дури и милениуми. Старите народи го имале знаењето за брановите, брановата должина и влијанието на звукот врз човечкиот организам и неговата околина. Денешните научници покажаа и докажаа какви форми се прават во кристалната решетка на водата кога ќе ѝ биде пуштена различна музика. Гледајќи ги тие експерименти, човек не може а да не помисли – а како тоа сите звуци од околината влијаат на водата што ја пиеме, на реките што течат под и над земјата, и како звуците од опкружувањето влијаат врз нашиот организам. Повеќе од три четвртини од човечкиот мозок е – вода. Сите стари градови, светилишта и храмови биле градени непосредно до или врз сами извори на жива вода. Денес, во 17-та година од 21 век, сè почесто се купува вода, а сè поретко се пие квалитетна вода.
Водата сè мие, само лош јазик не мие
За вода се воделе многу војни во историјата. Уште од дамнина, а дури и денес, при окупирањето на некој град или територија, на самите почетоци се прават обиди за прекинување на каналите за вода. Како што преку водата можат да се направат многу убави нешта за целото човештво, така водата може да се искористи и за лоши, дури злобни намери. Иако дури во 21 век науката ѝ соопшти на широката јавност дека „открила и потврдила значајни карактеристики на водата“, сето тоа им било познато на сите развиени цивилизации од древноста, но и на големите општествени промени во поредокот на управување во претходниот милениум. Содржината и квалитетот на водата што се користи во системите што ја спроведуваат до домаќинствата денес се сомнителни, а изворите со жива вода како намерно да се забораваат за да бидат експлоатирани ако се укаже можност за тоа. Истовремено, иако дури и научно се потврди дека сè што живее од вода може да биде повлијаено како и самата вода, преку вибрација на определена бранова должина, во говорот на луѓето не се забележуваат промени. Промени нема ниту во меѓусебното однесување, бојата на гласот што се користи во меѓусебната комуникација и видот на зборовите што се одбираат за да се искаже одредено мнение. А сите мисли влијаат, за чувствата нема потреба ни од објаснување, а зборовите можат да убијат, но и да оживеат. Убавиот збор железни врати отвара и убави бранови создава, водата ја чува за да опстои животот и да не се заборави кодот. Водата памети, а памети и нашиот организам. И таа и ние сме подложни на програмирање преку звук, било тој да е испратен преку збор, музика или пак на бранова должина што не е достапна за нашите уши, но се чувствува од водата во нас.

Не се истура вода откако ќе се стемни
Штом развиените цивилизации, кои и покрај големите војни, имало периоди во кои живееле многу помирно од денешната човечка раса, граделе градови низ кои поминувале бистри води, што се случува со денешните гратчиња во кои во речните корита каде што некогаш поминувала вода, денес поминуваат отпадни води и фекалии? Штом на водата влијае звукот, што се случува со водата што ја пиеме додека поминува низ системите, а околу неа има бучава што ја вознемирува? Зошто музиката што се пласира во етерот од медиумите многу често знае да е со содржина што ја разурнува совршената кристална решетка на здравата вода? Што ќе се случи со генерациите што своето образование го добиле од учебници во кои збороредот нема ништо општо со исконскиот бит на луѓето што живеат овде? Здравствената состојба на населението, повлијаена од модерниот начин на живот, веќе е влошена, а природните и чисти лекови во сè поголема мера се загадени. Енергијата што зрачи од населените места ја отсликува вибрацијата што е присутна во опкружувањето на населението.
Тивка вода брег рони
Денешните генерации луѓе што живеат на планетата Земја ја имаат можноста да живеат во период во кој повторно се случуваат промени, не само во општествените поредоци туку и во самата природа и нејзините манифестации врз луѓето. Модерните технологии може да бидат искористени за малку повозвишени цели од експлоатација, манипулација и профит. Доколку на населението му се овозможи живот во населени места во кои менаџментот односно управувањето со контролата на отпадните води е на ниво што би било соодветно за векот во кој живееме, дополнето со подигање на еколошките стандарди, тоа би можело да доведе до поквалитетен живот на луѓето. Ако им се овозможи чиста и здрава вода за пиење, за релативно брзо време ќе се случи намалување на болестите и зголемување на животниот век. На Македонија не ѝ требаат ниту нафта, ниту пак лажни економски програми, ниту некој да ѝ измислува топла вода, затоа што под нас живата и термалните води се во толкави количества, што има доволно за… кај што течело, пак да тече.
продолжува
(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)