Фото: Маја Јаневска-Илиева
  • Шаховските ѕвезди во подем, Фаустино Оро, Енди Вудвард, Абхиманју Мишра и Володар Мурзин, ќе му се придружат на добро познатиот велемајстор Кирил Алексеенко на претстојното СП во Индија. „СП е еден од најтешките и највозбудливи шаховски настани, со оглед на неговиот нокаут-формат, и ќе биде одлична можност за овие играчи да го покажат својот најдобар резултат против најсилните“, вели претседателот на ФИДЕ, Дворкович

Претседателот на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), Аркадиј Дворкович, официјално ги додели поканите (вајлд-карти) за настап на годинашното Светско првенство (СП), од 30 октомври до 27 ноември. СП ќе биде единствена шанса за овие врвни таленти да се натпреваруваат на еден од најпрестижните турнири во шаховскиот календар на ФИДЕ.

Меѓу играчите се Американците Мишра (најмладиот во историјата што станал велемајстор) и Вудвард (победник на Затвореното првенство за јуниори на САД годинава), кои имаа спектакуларен настап на неодамнешниот голем отворен турнир во Узбекистан, на кој настапија 116 шахисти, делејќи го 5-7-то место. Светскиот првак во забрзан шах, 19-годишниот Русин, Мурзин, кој е на пат да достигне рејтинг од 2.700 поени (сега има 2.670), исто така, доби покана заедно со 28-годишниот Алексеенко, кој ја претставува Австрија и е учесник на Турнирот на кандидатите 2020/2021 и кој е добро познат шахист на силни индивидуални и тимски турнири. Најмладиот учесник е 11-годишниот Оро, аргентинското чудо од дете, често нарекуван Меси на шахот, кој се смета за еден од најперспективните млади шаховски таленти, пишува ФИДЕ.
– ФИДЕ секогаш работи напорно за да најде начини да им даде шанса на талентираните играчи да се подобрат и да остават свој белег. Одлуката за доделување покани на овие пет играчи се базира на мешавина од неодамнешни перформанси, потенцијал на високо ниво и нивниот придонес во спортот. СП е еден од најтешките и највозбудливи шаховски настани, со оглед на неговиот нокаут-формат, и ќе биде одлична можност за овие играчи да го покажат својот најдобар резултат против најсилните – вели Дворкович.

Има уште една покана што треба да се додели пред почетокот на СП. Мундијалите се одржуваат секои две години, траат три недели и се еден од најтешките шаховски турнири за освојување. Учествуваат 206 врвни светски шахисти, се игра според нокаут-формат (мини-мечеви). Во игра не се само титулата или наградите туку клучни се трите први места што водат до Турнирот на кандидатите каде што ќе се одреди предизвикувачот за титулата светски првак, информира ФИДЕ. Г.И.