Танцовиот спектакл „Винг-чун“ на театарската сцена во Шензен
Весна Дамчевска, наша известувачка од Кина
За време на посетата на градот Шензен, кој се наоѓа во јужната кинеска провинција Гуангдонг, импресионирани од сѐ што можевме да видиме и доживееме во овој неверојатен приморски мегалополис, за само четири децении израснат од мало рибарско село во еден од најдинамичните и најнапредни градови во земјата, како јаготка на шлагот бевме поканети да присуствуваме на една од најгледаните кинески театарски продукции во последниве години, прочуената „Винг-чун“. Оваа таканаречена „музичка опера“ не вклучува вокални перформанси, туку само танцови движења, но по својот епски израз навистина остава впечаток на комплетно оперско дело. Како противтежа на футуристичката панорама на градот Шензен, познат и како град на иднината, на сцената на Шензенскиот театар, мултифункционална концертна сала во централната област на градот, видовме модерна претстава со елементи на традиционална кореографија што се потпира на практикувањето на техниките на т.н. древни „маршал артс“.
Светската премиера на оваа танцова драма во продукција на „Шенжен опера и танц-тeатар“ е одиграна во Шенжен во декември 2022 година, по што следуваат турнеи и настапи низ Кина, но и надвор од неа, со што претставата станува вистинска сензација и достигнува меѓународен успех и популарност. Само во Кина и Сингапур е одиграна вкупно 180 пати, поставувајќи рекордна гледаност, а можеше да ја види и публиката во Лондон и Париз, каде што постави нов рекорд на гледаност. Досега претставата била на вкупно 240 турнеи и има посетено вкупно 47 града низ светот.
Овие податоци не се изненадувачки затоа што станува збор за вистинско ремек-дело што не смее да се пропушти, ако имате таква можност. Во јуни годинава ѕвездите на претставата блеснаа на сцената на пекиншкиот театар „Поли“.
Во центарот на приказната е учителот Јип Ман, мајстор на кунг-фу, таи-чи и други древни кинески боречки вештини, познат по тоа што го подучувал славниот Брус Ли. Дејството е сместено во филмско студио во Шензен, каде што група млади артисти снимаат филм за винг-чун. Потоа ги следиме подемите и падовите на оваа мала екипа во комплетирање на филмот, притоа прикажувајќи ги уникатните вештини на Јип Ман, кои им служат како инспирација.
„Винг-чун“ е херојска приказна што им оддава почит на обичните луѓе. Претстава за победата на доброто над злото. Сценографијата и прекрасната кореографија, заедно со беспрекорната игра на танчарите (огромен изведувачки предизвик во смисла на дисциплина и посветеност), создаваат атмосфера на сон на сцената, претставувајќи ги богатата традиција и наследство на кинеската култура преку уникатен спој на древните вештини и танцот. Кореограф на претставата е Лиу Ченглианг, а неговиот израз е комбинација на класичен и современ танц. Оваа фузија резултира со импресивни сцени што создаваат магија на сцената на која публиката не може да остане рамнодушна.
Во овој фантастичен театарски спектакл, кој носи силна енергија, има сцени што буквално оставаат без здив, па на моменти се прашувате дали е реално она што го гледате во моментот. „Винг Чун“ е претстава што ги надминува сите очекувања! Би било прекрасно кога би можеле еден ден да ја видиме и на македонската театарска сцена.