Арапската лига ја рециклира иницијативата за востановување свој воен блок по моделот на Северноатлантската воена алијанса
- Безбедносниот сојуз беше предложен од Каиро пред десет години како одговор на растечката закана од вооружени групи како што се Хутите и Исламската држава. Сепак, идејата за заедничка одбрана не се оствари поради различни ставови околу повеќе прашања, вклучувајќи ги суверенитетот и командните структури
Земјите членки на Арапската лига наводно го преиспитуваат воспоставувањето колективни безбедносни сили во „стилот на НАТО“ во регионот, идеја што првпат ја предложи Египет во 2015 година, изјавија внатрешни извори за најголемиот емиратски весник „Нешнл“.
Актуализирањето на предлогот доаѓа во време кога арапските земји покажуваат единство по израелските воздушни напади насочени кон претставници на палестинската милитантна група Хамас во Катар, а за него веројатно се дискутирало и на арапско-исламскиот самит што неделава се одржа во Доха.
Безбедносниот сојуз беше предложен од Каиро пред десет години како одговор на растечката закана од вооружени групи како што се Хутите и Исламската држава. Сепак, идејата за заедничка одбрана не се оствари поради различни ставови околу повеќе прашања, вклучувајќи ги суверенитетот и командните структури.
Извори запознаени со оваа тема открија дека се очекува планираните заеднички воени сили да се состојат од поморски, воздушни и копнени единици, заедно со трупи специјализирани за командоси, антитерористички и мировни мисии во регионот. Тие наводно би „се справувале со безбедносни закани и тероризам или со секој што претставува закана за безбедноста и стабилноста на арапскиот свет“.
Претходниот план на Египет, кој ги предводи најголемата воена сила во Северна Африка и најголемата армија меѓу арапските нации, го вклучуваше Каиро како централен штаб со Египќанец како прв командант, пред улогата да ротира меѓу преостанатите 21 членка на Арапската лига. Началникот на Генералштабот би бил избран од една од земјите членки, додека генералниот секретар би бил цивил. Командантот и началникот на Генералштабот би имале овластување да одобруваат формални барања од земја што има намера да употреби сила против друга, по консултација со сите членови учесници.
Потенцијалните заеднички сили би имале и совет за планирање фокусиран на обука, логистика и интероперабилност на системот за оружје. А придонесите би зависеле од големината и можностите на војската на земјата. Арапската лига има 22 членки: Египет, Сирија, Јордан, Либан, Ирак, Саудиска Арабија, Јемен, Сомалија, Алжир, Либија, Џибути, Тунис, Оман, Мароко, Катар, Мавританија, Кувајт, Судан, Палестинска самоуправа, Обединети Арапски Емирати, Коморски Острови и Бахреин. Р.С.