Подемот на АфД претставува знак за менување на политичката клима во Германија, но…
Локалните избори во германската покраина Северна Рајна-Вестфалија со речиси 14 милиони гласачи беа првиот голем тест за рејтингот на владејачката коалиција ЦДУ/СПД на федерално ниво. Сепак, резултатите се драстично различни за двата коалициски партнера, пишува германски „Билд“.
ЦДУ со статус кво, АфД во силен подем
Христијанско-демократската унија (ЦДУ) се појави како јасен победник на изборите. Според првичните прогнози, тие освојуваат 34 проценти од гласовите на ниво на целата покраина, што е речиси идентично со резултатот што го имаа на изборите во 2020 година, кога имаа 34,2 проценти. Другиот голем победник на изборите е Алтернатива за Германија (АфД), која постигна извонреден раст. Со помеѓу 16 и 17 проценти од гласовите, АфД го подобри својот резултат повеќе од трипати во однос на 2020 година, кога имаше 5,1 проценти. Успехот на AфД ги загрижи и победниците.
– Овој резултат мора да нè натера да размислиме и не може да ни дозволи мирно да спиеме – изјави премиерот на Северна Рајна-Вестфалија, Хендрик Вуст (ЦДУ), за програмата „Берлин извештај“, и покрај победата на неговата партија.
Тежок удар за СПД и зелените
Од друга страна, Социјалдемократската партија (СПД) претрпе тежок пораз. Во своето поранешно традиционално упориште, нејзината поддршка падна на само 22 проценти. Ова е продолжение на негативниот тренд од последните локални избори во 2020 година, а главното прашање на вечерта за некогаш моќната партија сега е дали ќе може да остане над прагот од 20 проценти.
Зелените, исто така, забележаа голем пад, при што нивната поддршка падна од 20 проценти во 2020 година на 11 проценти денес. За разлика од СПД, нивниот добар резултат пред пет години беше привремен врв, а сега, слично на федерално ниво, тие се вратија на поддршката од нивното основно гласачко тело.
Тест за федералната влада
Иако ова се локални избори, резултатите во Северна Рајна-Вестфалија имаат национална тежина. Тие се сметаат за прв голем тест за расположението на гласачите од предвремените федерални избори минатата зима. Тие се особено важни за црно-црвената коалиција на канцеларот Фридрих Мерц (ЦДУ), бидејќи голем дел од раководството на партијата, вклучувајќи го и самиот Мерц, потекнува од оваа федерална покраина.
Во Берлин, резултатот на СПД внимателно се следи бидејќи ќе влијае на рамнотежата на моќта во рамките на владејачката коалиција, а е особено клучен за позицијата на копретседателот на партијата, Бербел Бас.
Национална анкета: АфД станува најпопуларна партија во Германија
Според последната национална анкета, спроведена во август, суверенистичката Алтернатива за Германија (AфД) стана најпопуларна партија во земјата. Доколку парламентарните избори се одржаа сега, 26 проценти од Германците би гласале за АфД, според анкета спроведена од институтот „Форса“ за социјални истражувања и статистичка анализа. Така, АфД го престигна конзервативниот блок ЦДУ/ЦСУ на германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој падна на второто место со 24 проценти поддршка во анкетата. Иако анализата на неколку анкети покажува дека германските христијански демократи сè уште имаат мала предност пред АфД, класичната политичка десница е во пораст откако освои речиси 21 процент од гласовите на федералните избори во февруари, што е нејзин најдобар резултат во историјата. АфД сега е најголемата опозициска партија во Бундестагот. Р.С.
Повици за забрана на АфД!?
АфД е основана пред повеќе од една деценија како партија на група професори по економија, кои, во средината на европската должничка криза, се спротивставија на еврото и финансиската помош за презадолжените земји. Во своите рани години, редовно освојуваше едноцифрени проценти од гласовите на федералните и регионалните избори.
Предводена од поранешната економистка Алис Вајдел, АфД сега се залага за принципиелна имигрантска политика. За издвојување е дека има германски политичари, и тоа од големите партии, што тврдат дека „партијата е толку екстремна што треба да биде забранета според одредбите од германскиот устав“. Потсетуваме дека во мај, оваа година, германската партија Алтернатива за Германија (AфД) е прогласена за „десничарска екстремистичка од страна на федералната канцеларија на земјата за заштита на уставот“, односно од германската безбедносна агенција БФВ
– Разбирањето на луѓето засновано на етничка припадност и потекло што преовладува во партијата е некомпатибилно со слободниот демократски поредок – се велеше во соопштението на домашната контраразузнавачка агенција БФВ, во мај, оваа година. Р.С.