Етика за млади

Проф. д-р Кирил Темков

Во одделението пристигна ново девојче. Го донесе директорката, а учителката го седна меѓу децата. Тие ја загледуваа неа, а таа нив.
– Да ѝ посакаме добредојде на Ана – рече учителката.
Девојчето стана сериозно и им се поклони. Сите се насмеаја и таа се насмевна. Ја прашаа каде живее, ја кажа адресата.
– Па тоа е покрај мене – извика Ангела и силно скокна.
– Биди мирна – подвикна учителката. – Значи можете заедно да доаѓате на училиште.

На одморот Ангела ѝ пријде на Ана и ѝ подаде рака. Се поздравија гледајќи се во очи. Потоа си разговараа за обични нешта – каде учела претходно Ана, кога се доселиле и кого има дома. Ангела рече дека таа има братче, кое е бебе, Никола. Ана имала мајка и баба и постар брат. Се викал Петар. Со тешко чувство кажа дека е болен и оти оди со патерици.

По часовите, учителката им предложи на двете девојчиња да си одат дома заедно. Забележа дека се зближиле и ѝ беше мило.
– Ајде да бидеме другарки – рече Ангела на половина пат кон дома, со што Ана радосно се согласи.

Децата најчесто имаат повеќе другари. Тие можат да бидат од истото одделение или од истото училиште, од истата зграда или улица. Може и да се роднини. Другарите на еден другар меѓусебно се зближуваат. Секако, другар е оној што ти е близок и со кого се радуваш кога сте заедно.

Сите треба да имаат убави односи со другите луѓе, да бидат пристојни и никого да не навредуваат или повредуваат. А со другарите односите се посебно убави, затоа што тие се поврзани со меѓусебна љубов и почитување.


Етичка мисла

На пријателите сѐ им е заедничко.

Питагора, старогрчки математичар и филозоф