Фото: ДЗС

Редакциска опсервација на пожарите во „Вардариште“, „Дрисла“, Трубарево…

Според експертите, теоријата говори дека зад едно вакво комплексно дело (поведение) е неопходно да постои поголем организациски центар за планирање… Токму тероризмот е дело што бара повисока организациска поставеност, која опфаќа повеќе нивоа, кои се препознаваат во случаите со пожарите околу Скопје. Структурата на вакво комплексно дело содржи повеќе нивоа, инспиратори (до нив најтешко се стигнува), потоа следуваат нивото на нарачатели, па нивото на организатори и најниско е нивото на извршители. Сите нивоа се синхронизирани, при што криминалистиката препознава индиции за координирано дејствување на одреден простор, во одредено време, со одреден идентичен начин на извршување…

Последните три пожари, оние во депониите „Вардариште“ и „Дрисла“, како и оној во магацинот за електронски отпад во Трубарево, ја зовреа атмосферата во македонското општество, особено имајќи го предвид фактот дека некој намерно си поигрува со здравјето на граѓаните.

Додека политичките чинители меѓу себе си ја префрлаат вината за пожарите, јавноста бара брзо лоцирање и казнување на сторителите бидејќи тероризирањето со пожари стана секојдневие.

Политичко препукување

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека пожарите што се случуваат во државата се организирани од центри на моќ од државата и надвор, за што, како што нагласува, има информации од службите.
– Сакам да кажам дека вакви работи ќе се случуваат и нема да престанат и сакам да упатам апел и до граѓаните дека вакви подметнувања и диверзии ќе има и во периодот што следува, затоа што има центри на моќ во државата, но и надвор, коишто не сакаат оваа влада да успее – изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.

Од своја страна, претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, го нападна премиерот Мицкоски поради изјавите дека државата била цел на напад организиран од странски центри на моќ.
– Сето ова, на што премиерот се вади, е практично само една пиаровска драма. Нема никаква акција да се решат проблемите и ова е навистина доказ за едно дилетантско водење на државата. Практично, овој тим нема капацитет да ја води државата како што треба – изјави Филипче.

Постојат базични елементи за да се прогласат пожарите за тероризам

И додека политичарите меѓусебно си ја префрлаат вината, во разговор со безбедносни експерти ни беше посочено дека последните три пожара ги содржат сите елементи на тероризам според секој учебник за безбедносни закани.
– Ова што се случуваше летоска со шумските пожари, а посебно сега со пожарите во „Вардариште“, „Дрисла“ и во Трубарево, се класични акти на тероризам бидејќи ги содржат сите елементи за да се даде една ваква дефиниција. Пожарите не се ништо друго, освен диверзантски акции внатре на територијата на Република Македонија со нова форма, која може да ја наречеме и еколошки тероризам. Прво, заеднички именител на последните три пожара е создавање паника, страв, несигурност, предизвикување поголема или помала материјална и човечка штета, како и закана по здравјето на луѓето. Второ, присутен е елементот на неселективност на жртвите бидејќи не им е важно дали од нивните акции се загрозени дете, бремена жена, доенче, тинејџери, старци и слично. Трето, за да се изведе едно вакво сложено дело, мора да постои точно одредена содржина, точно одредена временска рамка, моментот да биде одбран, синхронизиран, координиран, што целосно го покажа периодот на опожарувањето во само неколку дена. И четврто, тоа е постоењето на просторна рамка, тоа да се направи на одреден точно позициониран простор, во точно одредени средини, со прецизна контрола на ружата на ветрови, кои ќе придонесат загадувањето да зафати што поголем број населби – појаснуваат безбедносните експерти.

Трите пожара со елементи на „хиерархиска организираност“

Според експертите, кога веќе се присутни овие елементи карактеристични за терористичките акти, тогаш илузорно е да се верува дека се работи за обични инциденти.
– Теоријата говори дека зад едно вакво дело мора да постои поголем центар, а тероризмот е дело што бара повисока организациска поставеност, која опфаќа повеќе нивоа што се опфатени токму и во случаите со пожарите околу Скопје. Највисокото ниво е нивото на инспиратори и до нив најтешко се стигнува, потоа следуваат нивото на нарачатели, па нивото на организатори и најниско е нивото на извршители. Сите нивоа се застапени во пожарите на кои сведочевме деновиве бидејќи не може тукутака синхронизирано на одреден простор да се изведе еколошки тероризам со палење. Целта е да предизвика загадување, а знаејќи ја чувствителноста на општеството околу загадувањето, очекувањата се да мобилизираат што повеќе луѓе засегнати од загадувањето и на тој начин да одговорат на очекувањата на инспираторите – посочуваат безбедносните експерти.

Според нив, на ваквите закани е потребен решителен институционален одговор, како и вклучување на сите општествени чинители, вклучително политичките партии, невладините организации, граѓаните…
– Поради ваквите состојби, кои слободно може да ги наречеме диверзии во форма на еколошки тероризам, треба да се подигне нивото на институциите и ваквите чинови да се третираат како акт на тероризам и да се користат истите методи и превенција на ваквите акти. Тоа подразбира активирање разузнавачки, контраразузнавачки, технички, па дури и во соодветна законска процедура и т.н. посебни истражни мерки (ПИМ)… Да се мобилизира целото општество, како што се прави тоа секаде во светот кога се извршуваат терористички акти, да биде проактивно во откривањето на сторителите. Граѓаните исто така треба да бидат проактивни, да се активира еден комплекс на цивилна заштита на општеството, да се има еден интегрален приод каде што може да се спречи комплетна деградација на државата, на институциите, на животната средина, на природата, бидејќи сите ние живееме тука и ако дозволуваме да се уништува средината околу нас заради нечии други цели, тогаш сме потфрлиле како општество – заклучуваат безбедносните експерти.