По синоќешното нарушување на полскиот воздушен простор за сега реагираше само рускиот вршител на должноста амбасадор во Полска, Андреј Ордаш.
Тој истакна дека Полска не доставила никакви докази кои укажуваат дека се соборени руски дронови.
Ордаш потврди дека по инцидентот е повикан во полското Министерство за надворешни работи.
Минск тврди дека дроновите „се изгубиле“ и оти и белоруските сили собориле неколку беспилотни летала
Заменик-министерот за одбрана на Белорусија, Павел Муравјеика изјави дека дроновите случајно навлегле во полскиот воздушен простор откако биле попречувани навигациските системи.
Според него беспилотните летала „се изгубиле“ и оти и над територијата на Белорусија се соборени неколку дронови.
Муравјеика тврди дека синоќа од 23 до четири часот по локално време белоруските сили делеле информации со Полска и Литванија за изгубените дронови.
Претходно, премиерот на Полска, Доналд Туск пред Долниот дом на полскиот Парламент ја обвини Белорусија за упад.
– Она што е ново, тоа е правецот, првпат не е од Украина, како порано, грешка или ситна провокација на Русија, туку директен упад од Белорусија – посочи Туск.
Тој синоќешниот инцидент го поврза со руско-белоруската воена вежба „Запад-2025“, што треба да се одржи од 12 до 16 септември во западна Русија и Белорусија.
Дроновите кои упаднаа кај нас и кои се соборени, се само дел од поголема операција. В петок почнуваат многу агресивни воени вежби, агресивни бидејќи станува збор за симулација на акции околу коридорот Сувалки, што е еден од целите на руските операции. Контекстот е очигледен – предизвикување хаос, немир во Полска. Ова е повеќе од провокација, посочи Туск.