Фото: Пиксабеј

Европа го реоткрива рударството, но ова не е ренесанса на старите рудници. Тоа е индустрија на висок инженеринг, висока транспарентност и јавен притисок. По долги децении во кои рударството во Европа беше гледано како индустрија во заминување, со низок рејтинг и постојано под јавниот притисок да го оправда своето постоење, рударството се врати како неопходно за реализација на европскиот план за зелена и дигитална економија.

Во 2024 година Европската унија го усвои Актот за критични суровини (CRMA) со кој ја редефинираше улогата на рударството како безбедносна инфраструктура за зелената и дигиталната економија. Целта е до 2030 година најмалку 10% од потребните суровини да се вадат во ЕУ, 40% да се преработуваат внатре, а 25% да се обезбедуваат преку рециклажа.

Причината е очигледна, европската индустрија за батерии, автомобили, енергија и технологија е целосно зависна од Кина и неколку трети држави. Војната во Украина и глобалните потреси на синџирите на снабдување покажаа колку е ризично да се нема домашни извори. Така рударството повторно станува дел од стратегиските приоритети.

Архуската конвенција – јавноста како клучен играч

За разлика од 20 век, денес во Европа секој проект за да се реализира мора да добие и јавна подршка. Архуската конвенција, која е меѓународен договор кој ЕУ и сите земји-членки го имаат ратификувано, им дава право на граѓаните и невладините организации на пристап до сите информации како што се податоци за животната средина и во случаи кога се работи за рударски проекти. Граѓаните имаат право да учествуваат во одобрување на проектот, односно постои обврска за секој проект да се  обезбеди јавни расправи и консултации пред да се донесе одлука. Но, таа иста одлука може и да се оспори пред суд ако се прекршат правата или процедурите.

Ова значи дека невладиниот сектор и еколошките организации имаат формален механизам да стопираат или пролонгираат проект.

Мерки наместо блокада на проект

Моќта на Архуската конвенција на сопствена „кожа“ почетокот на месецов ја почувствува Португалија, кога Комитетот за усогласеност на Архуската конвенција при ОН утврди дека во постапката за најголемиот литиумски рудник во Барозу не биле испочитувани роковите, транспарентноста и учество на јавноста. Комитетот реагирал по жалбите на локалните жители и невладините организации затоа што властите не обезбедиле навремен и целосен пристап до информации, а јавните расправи биле формални и со недоволно време за суштинска дебата. Последиците се сериозни за проектот затоа што го одложуваат почетокот на операции, но според досегашните најави тие не го блокираат отворањето на рудникот во недоглед. Инвеститорот треба да подготви корективен план и проектот ќе биде под постојан надзор.

Сепак, Барозу, кој е лоциран во земјоделски регион од високо значење, е прогласен за стратешки проект за ЕУ. Според достапни информации, но реализацијата на проектот продолжува и компанијата го помести рокот за отворање на рудникот за една година.

Нови рудници – симбол на новата политика

Најновиот голем „играч“ во европското рударство е финскиот проект Келибер (Keliber). Овој интегриран комплекс обединува рудник и рафинерија за литиум-хидроксид. Треба да почне со производство во 2026 година, со капацитет од приближно 15 000 тони годишно, поддржувајќи ја енергетската транзиција на Европа и обезбедувањето одржливо снабдување за батерискиот сектор.

Проектот е еден од најамбициозните во Европа — не само поради технологијата, туку и поради финансирањето, односно обезбедени се 500 милиони евра за проектот да биде „зелен“. Парите се обезбедени обезбедени преку комбинација на средства од Европската инвестициска банка, гаранција од финска државна агенција Finnvera и банкарски кредит. Ова е првпат Европската инвестициска банка директно да ја финансиира рударската индустрија за критични суровини во ЕУ, што ја потврдува стратешката природа на проектот

„Суви јаловишта“ – новата инженерска норма

Една од клучните промени во технологијата е префрлањето од класични јаловишни езера на т.н. „сува јаловина“ (dry-stack tailings). Овој систем ја филтрира и суши јаловината до конзистенција на песок и овозможува складирање во стабилни насипи наместо во големи водни акумулации.

Методот има повеќе предности како се намалува ризикот од лизгање на јаловиштата, се минимизира потрошувачката на вода, а земјиштето по затворање може полесно да се рекултивира. Сепак, оваа технологијата е поскапа и бара повеќе енергија за филтрација.

Шпанскиот рудник „Кобре Лас Крусес“ често се наведува како пример за најеколошко отворено копање. Тој прв во Европа воведе целосно суво складирање на јаловината, затворен циклус на вода и систем за минимално загадување.

Колку тежи рударството во ЕУ?

Според податоците на OECD (Организација за економска соработка и развој), секторот за рударство и вадење камен во 2022 година учествува со околу 0,4% од БДП на ЕУ. Индустријата вработува помеѓу 250 000 и 371 000 лица, но OECD посочува дека експлоатацијата на метални руди во Европската унија има надпросечна продуктивност – околу 2,4 пати повисока од просекот на целокупната економија на ЕУ. Со други зборови, еден вработен во оваа гранка создава повеќе од двојно поголема додадена вредност отколку просечниот работник во ЕУ. Овој факт ја нагласува економската важност на рударството и неговиот мултипликаторски ефект: секое евро создадена додадена вредност во секторот генерира значителни дополнителни активности во металургијата, машиноградбата, батериската индустрија и енергетската транзиција. Ова ја прави оваа индустрија стратешка алка—без руда нема металургија, без металургија нема батерии, а без батерии нема енергетска транзиција.

Македонија пред избор

Што значи ова за Македонија? Земјата има традиција во олово-цинкови руди, бакар и злато, но последните децении на оваа гранка не се гледа како на стратешки важна за развој на домашната економија.

Ако Македонија сака да привлече инвестиции и да учествува во европските синџири, мора да понуди транспарентни процедури. Технологијата за суви јаловишта веќе е присутна во државата, а и новиот предлог закон ја уредува оваа проблематика. Држвата гарантира и поделба на финансикиот импут од индустриијата со локалните заедници. Бројни предуслови  за Македонија да не остане изолирана и да увезува суровини по високи цени, се исполнети.

Дали ќе го следиме примерот на ЕУ, од каде сигналите се јасни – иднината е во комбинација од брзи постапки за дозволи и највисоки еколошки стандарди.