Покрај полските авиони Ф-16, во ноќешната операција за заштита на полскиот воздушен простор учествувале и холандски авиони Ф-35 и италијански авиони за надзор АВАКС, откако руски дронови навлегле на полска територија, јавуваат британските медиуми.
Според извори на НАТО, инцидентот во моментов не се третира како напад.
Алијансата, исто така, потврди дека руските беспилотни летала со радар ги забележале и системите „Патриот“, но не отвориле оган.
Британските медиуми потсетуваат дека ова е прв случај во кој Полска соборила руски беспилотни летала на сопственото небо.
Премиерот Доналд Туск го нарече настанот „чин на агресија“, додека Европската унија рече дека тоа е најсериозното кршење на европскиот воздушен простор откако започна руската инвазија на Украина.