Боите на Македонија, предводени од македонскиот селектор Горан Мицкоски, ќе ги бранат вкупно 14 натпреварувачи, од кои десет џудисти и четири џудистки

ЏУДО – ПРЕД ЕВРОПСКИОТ КУП ЗА СЕНИОРИ ВО СКОПЈЕ

Уште 10 дена остануваат до почетокот на Европскиот куп во џудо за сениори, кој на 20 и 21 месецов ќе се одржи во Скопје, во спортската сала „Јане Сандански“. На тој начин Скопје уште еднаш станува епицентар на европското џудо. Над 300 учесници полни со енергија, техника и страст за спортот од 30 земји ќе бидат присутни на ова квалитетно натпреварување. Ова, секако, е само уште еден знак дека Скопје полека повторно се подготвува да пулсира во знакот на џудото, а македонските љубители на овој спорт уште еднаш да уживаат во возбудливите борби, кои ќе можат да ги проследат во живо на татамите.
Боите на Македонија, предводени од македонскиот селектор Горан Мицкоски, ќе ги бранат вкупно 14 натпреварувачи, од кои десет џудисти и четири џудистки.
– Конкуренцијата на овој сениорки куп е многу силна и очекувам да видиме одлично џудо. Од македонските репрезентативци, неколкумина се со искуство од вакви натпревари, а другите наши претставници се помлади и за првпат ќе настапат на натпреварување од ваков ранг. Како селектор очекувам македонските џудисти да се претстават во одлично светло и да се вмешаат во борбата за медали. Настапот пред домашната публика за сите нив ќе биде огромна помош, а мотивацијата кај сите нив треба да биде на највисоко ниво. Беа планирани заеднички подготовки викендов, но бидејќи имаме Балканско првенство за сениори во Пеќ, Косово, подготовките нема да се одржат. Од понеделник до четврток сениорите ќе вежбаат заедно во клупските сали. Така ни е предвиден планот – оптимист е селекторот Горан Мицкоски.
Македонија ќе ја памети 2025 година како една од најсилните и највозбудливи години за Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), на чело со претседателот Владимир Трпаноски. Македонија беше домаќин на кадетски, јуниорски, а сега и на сениорски спортисти, не само за годишни настани туку и за големи првенства, а секако тука беше и Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ). Г.И.


Македонија, состав

СЕНИОРИ: Сергеј Димитријоски (до 60 кг), Зоран Колевски (до 60 кг), Михаил Стојановски (до 66 кг), Игнат Петров (до 66 кг), Антонио Стојчески (до 66 кг), Андреј Симоноски (до 73 кг), Еди Шерифовски (до 81 кг), Владимир Милчиноски (до 90 кг), Андреј Чакаровски (до 90 кг), Никола Павловски (до 100 кг). СЕНИОРКИ: Лилјана Недановска (до 57 кг), Ива Богдановска (до 63 кг), Катерина Ацевска (над 78 кг), Александра Најдоска (над 78 кг).