Прв училишен ден денеска имаа 650 првачиња во Прилеп, кои го започнуваат своето големо патување во светот на знаењето. Многу успех, среќа и радост во учењето на првачињата, на околу 6000 основци и 3000 средношколци, но и на наставниците и професорите им посака градоначалникот на Прилеп Борче Јовчески.
-Како локална самоуправа вложуваме во образованието. Продолжуваме со проектот за бесплатен здрав оброк за учениците од прво до трето одделение, .За прв пат во општина Прилеп оваа година, ќе обезбедиме бесплатни униформи за сите околу 6.000 ученици во основното образование, со што обезбедуваме еднакви услови и достоинство за сите деца. Изминатиов период направивме реконструкции и опремувања во буквално сите училишта и градинки, со што значително ги подобривме условите за учење. Горди сме и на изградбата на новата спортска сала во ООУ „Блаже Конески“, инвестиција која ќе обезбеди поквалитетен физички развој и активности за учениците. Нашата цел е секое дете во Прилеп да има еднакви услови, подобро образование и безгрижно детство. Вложувајќи во образованието, вложуваме во иднината на нашата општина и нашата татковина – рече градоначалникот Јовчески.
Ка.М.