Сите членки на Советот за безбедност на Обединетите нации, освен САД, на прес-конференција повикаа на итен прекин на огнот во Газа и изразија загриженост поради „намерно предизвиканиот“ глад во палестинската енклава.
– Изразуваме длабока загриженост поради податоците за гладот во Газа, изјави заменик-постојаниот претставник на Гвајана во ОН, Тришал Персо, и истакна дека ова е „прв пат гладот официјално да биде потврден во регионот на Блискиот Исток и дека секој ден се повеќе луѓе умираат од неухранетост, претежно деца – објави Си-eн-eн.
На подиумот ѝ се придружија претставници на Словенија, Алжир, Кина, Данска, Франција, Грција, Пакистан, Панама, Јужна Кореја, Русија, Сиера Леоне, Сомалија и Велика Британија.
– Ова е криза предизвикана од човекот, иако употребата на глад како оружје во војната е строго забранета со меѓународното хуманитарно право – рече Персо.
Заменик-постојаниот претставник од Словенија, Ондина Дробиќ, додаде дека тие повикуваат на прекин на огнот во Газа и ослободување на сите преостанати заложници, Израел да ја отвори Газа за хуманитарна помош и да се откаже од плановите за инвазија и окупација на градот Газа.
– Хуманитарната криза мора да се реши без одлагање и Израел мора да го промени курсот – рече Дробиќ.