Интернационалниот мајстор (ИМ) Филип Панчевски, Горан Милиќ и велемајсторите (ВМ) Звонко Станојоски и Влатко Богдановски имаат максимален ефект од три поени по третото коло на Отвореното првенство на Македонија во шах (девет кола), во Скопје, во конкуренција на 71 учесник (двајца ВМ, тројца ИМ, деветмина ФМ).
На челната табла Панчевски, кој е и прворангиран, го победи Роберт Велески, откако во средишницата освои фигура, Богдановски по голема борба славеше над Миле Трајковски откако остана со пешак повеќе, Станојоски полесно од очекуваното го совлада Владимир Тркаљанов (19 потег), а Милиќ беше подобар од Тони Стојмановски. Вредно реми забележа Александар Кралевски против репрезентативецот Никола Николовски, кој иако имаше два топа против кралица и топ, успеа со т.н. вечен шах да ремизира.
Најдобропласирана шахистка (од вкупно три) е Ивана Манова (1.953 рејтинг-поени, рангирана 26-та), која со два поена е на 25-то место. Во ова коло таа беше подобра од Зоран Кузмановски (1.458).
Првенството има квалификациски карактер, па шестемина најдобри стекнуваат право на настап на Затвореното првенство на Македонија за 2019 година, кое, пак, ќе се игра со 10 шахисти. Г.И.
Позначајни резултати од третото коло
ИМ Панчевски (2.495) – ФМ Велески (2.211) 1-0, Тркаљанов (2.125) – ВМ Станојоски (2.447) 0-1, ИМ Николовски (2.395) – ФМ Кралевски (2.112) реми, Трајковски (2.120) – ВМ Богдановски (2.390) 0-1, ФМ Константинов (2.080) – ФМ Лазов (2.335) реми, ФМ Андоновски (2.287) – Ристески (2.068) реми, ФМ Качаковски (2.042) – ФМ Динев (2.248) реми, Милиќ (2.233) – Стојмановски (1.871) 1-0, ИМ Данчевски (2.346) – Петрески (1.346) 1-0, ФМ Илиќ (2.099) – ФМ Хаџи-Манев (1.982) 0-1 итн.