Филип Деспотовски / Фото: ОФМ

Круна на комплетната работа на секој поединец во ОФМ во изминативе три месеци, како и на комплетниот машки национален тим, е пласманот на ЕП 2026. Покажавме голема сериозност, ова го зборувам и за машката и за женската репрезентација во настапите. Имаме најуспешен настап во „златното“ друштво досега, а дамите добија втора шанса во Сребрената лига, која максимално ја искористија. Почнавме да ставаме поголем и посериозен акцент на младинските категории, кои се основата и иднината на одбојката. Нормално дека целиот процес околу репрезентациите нема да биде можен ако работата во клубовите не е на високо ниво и ОФМ нема соработка и поддршка од нив, па поради тоа сега фокусот ќе ни биде токму кон клубовите, кои се основа за иден успех, изјави Филип Деспотовски, генералниот секретар на ОФМ

ОДБОЈКА

Планот на мојата генерација, јас така ја нарекувам, бидејќи до неодамна бев дел од тимот, беше следната генерација да оствари настап на Европското првенство (ЕП). Со пласманот на ЕП 2026 планот е успешно реализиран. Сакавме да оставиме нешто во наследство за следната генерација, за да не мора и тие како нас да почнуваат од нула. Летвичката е крената високо и континуитетот продолжува, вели генералниот секретар на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ), Филип Деспотовски, пренесе ОФМ.
ОФМ, можеби, како никогаш досега имаше долго и топло лето, со полна работна агенда. Од 15 мај, кога почнаа подготовките на машкиот и на женскиот национален тим за настапите во Европската златна, односно Сребрена лига, преку балканските шампионати за младинските селекции, организацијата и учеството на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ 2025), па сѐ до квалификациите за европските првенства и за машката и за женската сениорска репрезентација.
– Три месеци макотрпна работа крунисана со четвртиот пласман во низа на машката репрезентација на ЕП, што е само континуитет на еден процес што трае со години. Паралелно во подем е и женската А-селекција, која донесе прва радост на европско тло по пауза од 17 години, со победата над Луксембург во Европската сребрена лига. Не застанаа дамите само на тоа, напротив покажаа дека и женската репрезентативна одбојка има позитивна градација, само треба да се остане истраен во работата. Базата е најважна, а дека имаме основа и квалитет во генерациите што доаѓаат потврдија младинските селекции со настапите на балканијадите и на ЕМОФ 2025 – рече Деспотовски.
Тој како еден од најинволвираните во комплетната организација и логистичка поддршка прави и сублимат на сите случувања и постигнати резултати.
– Круна на комплетната работа на секој поединец во ОФМ во изминативе три месеци, како и на комплетниот машки национален тим, е пласманот на ЕП 2026. Слободно можам да кажам дека максимално се вложивме, а постигнатите резултати се најдобар показател за работата на ОФМ. Покажавме голема сериозност, ова зборувам и за машката и за женската репрезентација во настапите, прво во Европската златна и Европската сребрена лига. Ако претходно настапите во Европската лига се гледале како „подготвителни натпревари“ за некоја повисока цел, сега резултатите го потврдуваат спротивното. Имаме најуспешен настап во „златното“ друштво досега и со обезбедено учество за следната година. Дамите, пак, добија втора шанса во Сребрената лига, која максимално ја искористија. Не беа само учесник туку победуваа и се бореа. Одиграа силни натпревари, квалитетни, нѐ израдуваа со прв триумф во Европа по пауза од 17 години и нѐ направија горди. Во квалификациите за ЕП 2026, во последниот меч, со Австрија, покажаа дека ако го задржиме високото ниво на работа на оваа генерација како во претходните три години, многу брзо ќе можеме да се носиме и да се надигруваме и со посериозни екипи – изјави Деспотовски.

СО НОВА ГОЛЕМА ОРГАНИЗАЦИЈА ДА ИЗНЕНАДИМЕ ВО 2028 ГОДИНА

Деспотовски вели дека мора да се задржи и континуитетот на сериозна работа со која ќе им се овозможат беспрекорни услови за работа на репрезентациите.
– Нѐ чека сериозна работа во следните години, кога ќе треба да донесеме и сериозни одлуки и да направиме нов голем чекор со учеството на ЕП 2026, на кое сум сигурен дека ќе се појават некои нови играчи. Се надеваме дека по тој континентален собир, во 2028 година ќе ги изненадиме сите повторно со некоја голема организација. Неизмерно многу значи и поддршката што ја имаме од Министерството за спорт и од партнерите на ОФМ, која овозможува и на сите репрезентации да им понудиме беспрекорни услови за подготовки и за реализација на комплетниот план и програма на селекторите – рече Деспотовски, пренесе ОФМ.

Одбојкарската федерација на Македонија, покрај резултатските успеси, може да се пофали дека и организациски беше беспрекорна во текот на сите активности во овој период.
– Во период од три месеци организиравме пет турнири, четири од нив во Струмица, во рамките од Европската златна и од Европската сребрена лига, во машка и во женска конкуренција. Поради воено-политичката позиција во која се наоѓа Израел, ОФМ беше технички организатор и на нивните турнири во Европската златна лига, во Струмица, и сѐ помина одлично. Добивме највисоки оценки, што е од големо задоволство за нас. На ЕМОФ 2025 одбојката не доби ниту една негативна оценка или забелешка за организацијата, што е уште еден доказ за одличната логистичка подготвеност на ОФМ, но и за поддршката што ја имаме од сите тела што функционираат под капата на ОФМ. Организација на 49. меморијален турнир „Чајка“, кој стана препознатлив како бренд во Европа, па сѐ до последните натпревари од квалификациите за ЕП во Скопје. Ќе потенцирам имавме долго, работно лето, но крајот го краси делото – вели Деспотовски.

СЕРИОЗЕН АКЦЕНТ НА МЛАДИТЕ

Покрај сениорските национални тимови, летово беа активни и младинските селекции што настапија на балканските шампионати и на ЕМОФ во Скопје.
– Почнавме да ставаме поголем и посериозен акцент на младинските категории, кои се основата и иднината на одбојката. Особено внимание посветивме на пионерките, бидејќи женската одбојка е најмасовен колективен спорт во Македонија. Сакајќи да останеме доследни на тој епитет, се зафативме со сериозна работа, организиравме неколку филтер-собири во кои констатиравме дека од квантитетот може да извадиме квалитет. Прв посериозен тест имавме на Балканијадата во Црна Гора, што е само прв чекор. Позитивно сум изненаден од кадетите, кои ги предводеше Деан Стојанов на Балканијадата во БиХ, како и од машката селекција до 18 години, која настапи и на ЕМОФ 2025. Од оваа генерација одбојкари верувам дека наскоро ќе се појават нови лица во А-селекцијата. Момците играа одлични натпревари, кадетите за еден сет не се најдоа во полуфиналето и бевме на поен за сет или победувавме селекции како Грција и Романија, што е уште еден доказ за квалитетот на генерациите што доаѓаат. Женската кадетска репрезентација водена од селекторот Александар Митев можеби е генерација што најмногу напредуваше во текот на годиниве. Дел од девојките се веќе на поширок список на А-селекција и од овој олимписки циклус сигурен сум дека ќе се наметнат во сениорскиот национален тим – вели Деспотовски.

КЛУБОВИТЕ СЕ БАЗА ЗА СЀ

Веќе почнуваат подготовките за новата натпреварувачка сезона, која, поради Светското првенство (СП) и според календарот на Европската одбојкарска конфедерација, треба да почне во средината на октомври.
– Репрезентативните активности ги финиширавме, а сега се насочуваме кон домашното првенство. Подготовките се во тек и во следните месеци сме фокусирани на чекорите што ќе треба да се спроведат во новото првенство. Поради одржувањето на СП, календарот на ЦЕВ за националните првенства е така скроен и тие треба да почнат во средината на октомври и да завршат до средината на мај следната година. Нормално дека целиот процес околу репрезентациите нема да биде можен доколку работата во клубовите не е на високо ниво и ОФМ нема соработка и поддршка од нив, па поради тоа сега фокусот ќе ни биде токму кон клубовите, кои се основа за иден успех – изјави Деспотовски. Г.И.