Илустрација: „Нова Македонија“

Австрија бескомпромисно се пресметува со своите државјани што отворено прокламираат фашизам, а Бугарија?!

  • Австрија сериозно санкционира неколку свои граѓани што беа во Загреб за неодамнешниот концерт на контроверзниот хрватски музичар Марко Перковиќ-Томпсон, познат по тоа што во своите песни ги велича усташите. Откако претходно австриските истражни органи детално ги анализирале снимките од концертот во Загреб, утврдиле дека некои од присутните австриски државјани во публиката го прекршиле позитивното право на Австрија така што недолично скандирале и истакнувале симболи со фашистичка конотација. Бугарија, пак, упорно демонстрира фашистички пројави во јавноста…
  • И додека Австрија преку институционален ангажман расчистува со сопствените граѓани што промовираат фашизам, Бугарија, која исто така е членка на Европската Унија, отворено поддржа отворање културни клубови во Македонија именувани според личности што биле директни соработници со фашистичкиот режим

Членството во Европската Унија ги обврзува сите нејзини членки да се однесуваат доследно на европските принципи, па во согласност со прифатените обврски така треба и да реагираат кога станува збор за одбрана на европските вредности и критериуми.
Пример за тоа како се брани изворната европска идеја зачната преку заедничката борба против фашизмот во Втората светска војна е Австрија, која и по осум децении продолжува да се бори против секакво манифестирање фашизам од страна на свои државјани без оглед каде се наоѓаат.

Брза австриска реакција со строги казни

Имено, Австрија санкционира неколку свои граѓани што беа во Загреб за неодамнешниот концерт на контроверзниот хрватски музичар Марко Перковиќ-Томпсон, познат по тоа што во своите песни ги велича усташите. Откако претходно австриските истражни органи детално ги анализирале снимките од концертот во Загреб, утврдиле дека некои од присутните австриски државјани во публиката ги прекршиле строгите закони на Австрија така што недолично скандирале и истакнувале симболи со фашистичка конотација.
Оваа реакција од австриските власти не е неочекувана, имајќи го предвид фактот дека Австрија го измени законот во 2018 година, проширувајќи го списокот на забранети симболи, вклучувајќи ги и симболите на усташкото движење и НДХ.
Комисијата за внатрешни работи на австрискиот парламент веќе донесе одлука со која побара од министерот за внатрешни работи да ги забрани собирите во Блајбург, каде што со години одат симпатизери на усташкиот режим, честопати облечени во црни униформи и користејќи забранети поздрави и симболи.

Бугарија упорно манипулира со фашистичките пројави

И додека Австрија преку институционален ангажман расчистува со сопствените граѓани што промовираат фашизам, Бугарија, која исто така е членка на Европската Унија, отворено поддржа отворање културни клубови во Македонија именувани според личности што биле директни соработници со фашистичкиот режим. И не само што отворено ги поддржа таквите активности туку и ги обвини македонските власти дека со институционалниот одговор против фашистичките пројави, всушност, нарушуваат нечии малцински права.
– Примерот со Австрија и нејзиниот однос кон сопствените државјани кои скандирале и мавтале со усташки симболи на концертот на Томпсон во Загреб говори за една зрела држава, која изодела нормален пат до членството во Европската Унија така што ги исполнила сите потребни критериуми. Бугарија не го изоде тој пат, не ги исполни критериумите, туку влезе во ЕУ со политичка одлука. Затоа сега оваа земја не може да се носи со вистинскиот европски демократски багаж, затоа тамошните власти ликуваат кога среде Македонија се отвораат клубови со имиња на фашистички соработници, затоа и ден-денес се одржува таканаречениот Луков марш, затоа се негира постоењето на еден народ, на неговиот јазик, култура и историја, на македонското малцинство, кое го има и во Бугарија, но таа одбива да го признае. Бугарија не само што не ги казни сопствените државјани што дивееја и извикуваа фашистички пораки среде Скопје, Охрид и Битола туку дополнително ги мотивираше да продолжат со таквите активности. И тоа не е толку чудно знаејќи ја историската бугарска позиција кон Македонија, но загрижува тоа што нема посериозна опомена од страна на официјален Брисел, кој требаше да ги потсети бугарските власти дека токму борбата против фашизмот е обединувачката идеја од која подоцна произлезе модерна Европа – заклучуваат некои од соговорниците.