Од Нордистан до Алјаска, белешки од југот на северот

Додека чекам Александер Исак да направи трансфер од Њукасл во Ливерпул, Чадиковски преминал од „24“ во „Телма“. Зошто вака ја почнувам колумната? Појма немам, мора некако да се почне, а кога веќе зацапав со една нога во домашната медиумска лига, ај ќе згазнам и со другата, па да шлапкаме малку во плиткото што се доживува за длабочина. Геровски ќе му акне тужба на Тричковски за говор на омраза. Не на фудбалерот. Овој е бард. И нема никаква врска со Барди. Барди е фудбалски мајстор. Добро, и „бардот на Нордот“ е мајстор на книжевната критика, па нормално е да лови вештерки низ македонската книжевност, додека не си ја најде својата Маргарита што јава гола врз метлата на метафората. Само да не е Русинка.
Што ми беше муабетот? А да, Геро му акна тужба на Тричко за говор на омраза, а јас имам проблем со тоа. Не може така, другари! Мора да се почитуваат некои правила. Бараше ли ЗНМ, Тони Михајловски кривично да одговара, да скапе по затвори, за говор на омраза спрема Тричковски? Бараше. Побара ли сега ЗНМ нешто слично за „бардот на Нордот“? Не успеав да најдам таква информација. И нормално, па не станува збор за исти величини. Мора да се направи дистинкција. Само небањати вмрони како мене, Тони или Миленко шират говор на омраза. Интелектуални величини, авангардни колоси и џинови на метафората, како Фрчко и Тричко, на пример, го имаат сето право на слобода на говор на омраза. Слобода на говор на омраза е суштинската алатка на интелектуалната бижутерија и слободоумното либерално граѓанство луѓенца за копање метафори од рудникот на семиотиката и нејзината ќерка, семантиката. Башка, многу е тажно некому да му се одземе слободата на говор на омраза ако се знае дека омразата му е единственото чувство што го поседува.
А кога сме кај слободата за говор на омраза, по „бардот на Нордот“, се јави и сестрата на Ким Кардашијан, а брат на Ким Јонг-ун, правдољубиво нервозниот Ким Мехмети, кој ни ги сруши историските и етничките заблуди објаснувајќи ни дека не сме Македонци, ама па и дека нашите политичари се Бугари или посрбени православни Албанци, што значи дека и ние како народ сме такви. Исти ставови имале и бугарските фашисти и албанските балисти како балкански подружници на германските нацисти чии слободумни идеали беа попречени од нецивилизираните Руси, иако, за среќа, денес се гледа дека не само што не се уништени туку полека цветаат за да ни го разубават секојдневјето и да ни ја подобрат иднината.

По „бардот на Нордот“ и Ким Ун Кардашијан Џонг Динг Донг, се јавил и Фрчко со колумна. Е, него не го прочитав. Толку длабоко страв ми е да пливам. Сум пробал и со три пива пред гранапче и со џоинт зад гранапче, а бе еднаш акнав и ЛСД, па се чудев што мајка барам над гранапче, ама не, јок, стварно не можам да се нурнам толку длабоко, да се разлеам така широко и да се вивнам онолку високо, како некој да ми ги подметнал Ниче и Жижек во пијачката што ми ја спремиле Твен и Свифт. Недораснат сум за него, тежок ми е, жими Џојс, Пруст и Музил. Му се губам меѓу редови како некој Уликс во потрага по изгубеното време, кој на крајот наоѓа човек без својства.
Туку го спомнав Марк Твен и ми текна за што всушност сакам да пишувам. Минатиот викенд се пожалив дека стварноста ми ги саботира колумните бидејќи сите битни настани ги сместува откако јас ќе испорачам колумна до Редакцијата. Стварноста ме демантира. Ништо битно не се случи изминатава недела, така што сè уште најбитен настан е средбата во Алјаска, а јас имам информации од прва рака, од извори блиски на Мисисипи, односно моите дописници Том и Хак лично беа таму зашто тетка Поли морала да оди кај роднини во Енкориџ. Значи, никогаш не сум видел досега некому да му постелат црвен тепих кога тој доаѓа на изложба, макар тоа било и изложба на авиони. Иако, умни аналитичари тврдат дека со оваа прошетка меѓу „фантоми“, всушност Трамп му праќал порака на Путин за овој да знае со каква моќ си има работа, бидејќи Вова, нели, појма нема што поседува американската војска. Сега сигурно е скриен под некој сирот „сухој“ и цвика од страв. Потоа Дон и Вова влегоа на топло, разговараа што разговараа, па ни кажаа дека многу љубат мир и наскоро пак ќе разговараат. Којзнае, можеби во Бајконур, па Путин ќе го шета помеѓу паркирани шатлови со муабетот: „Со овие играчки, ваши космонаути летаат во вселената“.
Како и да е, јас ги имам точните информации. Том и Хак сè ми пренесоа, од збор до збор. Додека шетале на изложбата, меѓу авионите, Дон шеретски му рекол на Вова: „Гледаш вујко ми какви авиони има?“. „Кој вујко?“, прашал Путин, а Трамп вратил: „Вујче Сем“. Вова веднаш се брецнал: „Мојот вујко Вања има појаки авиони од твојот вујко“. Имало тука и мало натегање. „Дај едно крукче!“, побарал Вова. „Не давам, ќе паднеш“, вратил Дон. „А бе, дај едно крукче, сум летал вакви над Чеченија“, инсистирал Путин, на што Трамп додал: „Важи, ќе ти дадам крукче, само да се мафнат новинариве, ама и ти ќе дадеш да се повозам во некоја ракета, Илон ми кажа како се вози“. Потоа, додека газеа по црвениот килим, домаќинот му шепнал на гостинот: „Им го дрпнав од Кодак-театар, сега гарант цел Холивуд се треска од земја“, на што двајцата гласно се изнасмеаја.

Неколку дена по средбата на возрасните, Трамп им приреди во Белата куќа екскурзија на Урси, Кире, Мерц, Ману, Мелони и Володја. Од мојот извор Рабиндранат, градинарот во Белата куќа, дознав дека Трамп искрено го фалел Володја. Еве ја во целост и депешата што ја добив за говорот на домаќинот. „Мора да се признае“, зборува Дон, „во последно време Володја е многу послушен и воспитан… Мелони, не превртувај со очите… И не само тоа, Володја вети дека ќе биде мирен и нема веќе да ги тера другарчињата да се тепаат со посилни од нив… Ману, Ману, престани да режеш срценца по махагонот, дај го ваму ножето да не те кажам на Брижит… значи добриот Володја… Мелони, пак превртуваш со очите, ааа, ама тебе досадно ти е… Ајде Мелони, оди Мелани да ти ги покаже куклите… Што сакав да кажам? Урси, зошто ги клоцаш Мерц и Кире под маса? Да не сакаш и ти да си играш со Мелони и Мелани? Не? Однесете ја во кујна да провери да не случајно некој ни подметнал руски чипови во миксерите… Ајде, Ману, кажи што имаш да кажеш!“
Мојот извор се колне дека тука Ману станал и спремен изрецитирал: „Слушнав дека ти и Вова сте се фалеле какви авиони имаат твојот вујко Сем и неговиот вујко Вања. Само да си знаете дека мојот чичко Горио има многу посилни и побрзи авиони од вашите“.