Фото: „Нова Македонија“

Бриселски „Политико“, повикувајќи се на свои извори, кои имале увид во плановите на некои поголеми центри на моќ, пишува дека европските лидери не веруваат дека Путин е искрен во врска со мировниот договор – па затоа нивната стратегија се темели на хумор и пофалби за Доналд Трамп сè додека конечно не дојде до истиот заклучок и не сфати дека ќе треба да биде построг кон Кремљ

Европејците чекаат да видат дали ќе успеат напорите на Трамп за ставање крај на војната во Украина

Не стивнуваат реакциите по неодамнешната средба на американскиот претседател Доналд Трамп со украинскиот претседател Володимир Зеленски и со водечките европски челници во Белата куќа, на која беше разговарано за ставање крај на конфликтот и обезбедување траен мир.
Бриселски „Политико“, повикувајќи се на свои извори, кои имале увид во плановите на некои поголеми центри на моќ, пишува дека европските лидери не веруваат дека рускиот претседател Владимир Путин е искрен во врска со мировниот договор – па затоа нивната стратегија се темели на хумор и пофалби за Доналд Трамп сè додека конечно не дојде до истиот заклучок и не сфати дека ќе треба да биде построг кон Кремљ.

Европејците прават сопствени калкулации за мировните преговори

Европската страна смета дека тоа е пристап од кој сите добиваат. Имено, Европа ќе биде воодушевена ако САД и претседателот можат да преговараат за крај на војната во Украина со значајни безбедносни гаранции, но примарниот план на играта на Европејците е да се оспори блефот на рускиот лидер и да се лобира за построги санкции.
Францускиот претседател Емануел Макрон е најгласниот во изјавата дека рускиот претседател не е сериозен во врска со мирот и сè уште е посветен на својата цел да уништи една независна и демократска Украина.
Според пет дипломати, кои побараа да останат анонимни, претседателите, премиерите и амбасадорите во голема мера се согласуваат со Макрон. Тие изразиле длабок скептицизам дека Кремљ ќе преговара со добра намера – но биле оптимисти дека Вашингтон ќе ја казни Русија ако се покаже дека Путин е најголемата пречка за мир.
– Јасно е дека ако завршиме во ситуација во која Путин ќе докаже дека не сака да ја заврши војната, тоа ќе го принуди Трамп да дејствува и ќе ги зајакне аргументите за санкции – рече дипломат од една земја претставена на виртуелна седница на Европскиот совет во вторникот.
Втор дипломат потврди дека сојузниците со задоволство ја поддржуваат американската иницијатива за посредување во примирје, не затоа што нужно мислат дека ќе функционира, туку „затоа што тоа ќе биде јасен тест за руските намери“. Трет дипломат рече дека безбедносните гаранции што се развиваат ќе ѝ помогнат на Украина „да преговара од позиција на сила“, додека санкциите ќе обезбедат „ние… да имаме влијание врз Путин“.

Европа не нуди решение, „навива“ за неуспех на напорите на Трамп?

Несомнено со постапките што ги прави, Европа сега се поставува во позиција на гледање сеир, без да понуди какво било решение за ставање крај на војната. Впечатокот што се добива кај поголемиот дел од јавноста е дека Европејците како да навиваат напорите на Трамп да не успеат и војната да продолжи.
– Европа се милитаризира и затоа ќе биде најсреќна ако Трамп не успее да стави крај на војната во Украина. Зошто никој од тие европски челници не понуди свое решение за ставање крај на конфликтот, туку само седеа и слушаа? Сега ќе чекаат, не е исклучено во овој период да се случат и некои работи што ќе ги минираат мировните напори, нешто слично на она што се случи во Истанбул непосредно по почетокот на конфликтот, кога се одржа руско-украинска средба и кога имаше реална шанса конфликтот да заврши веднаш, но одеднаш се замешаа играчи од страна и целата работа пропадна. Чудна е оваа европска игра, повеќе како да сакаат да го насанкаат Трамп, па тие да продолжат да се пресметуваат со Русија преку уништување на Украина. Оваа Европа веќе не личи на себе, жално е што ја користат Украина за некои свои лукративни цели – констатираат дипломатски извори.


Се обезбедува протокот на американско оружје при исцрпеност на европските резерви и индустриски капацитети

Европа продолжува да дава заложби за вооружување на Украина

Германија е последната европска земја што вети пари за шемата предводена од НАТО за одржување на протокот на американско оружје во Украина, додека Европа има тешкотии самата да испорача доволно воена опрема и муниција, пренесува „Еурактив“.
Европските пари што течат во Вашингтон, вклучувајќи го и ветувањето на Германија од 500 милиони евра за финансирање пакет оружје за Украина, ја зацврстуваат визијата на американскиот претседател Доналд Трамп според која Европа ќе треба да плати за американската помош за Киев, притоа нагласувајќи колку се важни американски воени арсенали и фабрики за оружје.
– Нема начин да се заобиколи американската индустрија, бидејќи европските резерви и капацитетот на одбранбената индустрија се исцрпени на краток рок – изјави функционер на НАТО за „Еурактив“, додавајќи дека „потребата за одредени воени резерви во Украина е огромна“.
Трамп го предложи договорот минатиот месец, откако повторно се пожали дека САД веќе потрошиле премногу за поддршка на Украина. Холандија беше првата што вложи пари, финансирајќи пакет оружје на САД вреден 500 милиони долари. Данска, Шведска и Норвешка набрзо потоа заеднички вложија уште 500 милиони евра.
Според шемата, позната како Листа на приоритетни потреби за Украина (ПУРЛ), Киев ги детализира своите најголеми потреби за оружје на претставниците на НАТО. Таа листа за купување се проверува со Вашингтон за достапност, а потоа се спојува во пакети за испорака во вредност од 500 долари за финансирање од други влади на НАТО – во Канада и Европа.
Тоа значи дека Алијансата сега функционира како „еден вид трансакциска сметка“ за воена помош, заклучува претставникот на НАТО.

Нов начин на поддршка

Податоците собрани од германскиот Институт за светска економија во Кил (ИфВ) веќе покажуваат зголемување на поддршката што доаѓа од набавките, дури и пред да започне аранжманот ПУРЛ, барем делумно затоа што европските арсенали сега се исцрпени од претходните трансфери во Украина.
– За разлика од порано во војната, кога голем дел од помошта доаѓаше од постојните воени резерви на донаторите, Европа сега се потпира многу повеќе на нови нарачки од одбранбената индустрија – изјави Таро Нишикава, кој соработува со Институтот за светска економија.
Според претставникот на НАТО, се очекува нов бран на пакети да следува во септември. Финска, Обединетото Кралство и Канада се меѓу земјите што покажаа интерес да вложат пари во напорите за вооружување на Украина. П.Р.