Доделени наградите на деветтото издание на „Дрим шорт“ во Струга
Годинашното жири со група истакнати филмски професионалци, во состав Никола Ристановски, Јелена Јованова, Гуидо Казале и Бранко Ристовски, ги додели наградите на деветтото издание на „Дрим шорт“ во Струга.
– Изминатите денови поминаа брзо, како на филмска лента, но веруваме дека ги исполнивме вашите очекувања, а поетските лауреати во Паркот на поезијата беа добри домаќини на филмските вечери. Проследивме 29 филма во шест категории, работилница за филмска критика „Соочување со минатото“, мастерклас со Никола Ристановски, филмска програма во рамките на катчето за виртуелна реалност, мастерклас со реномираниот директор на фотографија Флоријан Хофмајстер, филмска екопрограма во соработка со „Екосвест“ и Холандска вечер во соработка со фестивалот „Гоу шорт“. Фестивалските вечери се заокружуваа со музичка ОФФ-програма со диџеј-сетови на Андреја Салпе, Чима и Андреј Мицајков – велат организаторите.
За најдобар филм во студентската програма беше прогласен „Невидлива сестра“ на Нели Рајала, поетска и длабоко емотивна приказна што го истражува сложениот однос меѓу блискоста и оддалеченоста, присуството и отсутноста во човечките врски.
– Сатирична краткометражна драма во форма на мокументарец е единствена по својот стил и се издвојува поради силниот сатиричен пристап. За најдобар во регионалната програма го прогласуваме филмот „Треба да зборуваме за Дилан“ на Умут Шилан Огурлу. Во категоријата за најдобар филм од македонската програма, одлучивме да доделиме и специјално признание поради зрелоста што авторот ја прикажува во пристапот кон сценариото, но и режијата. Специјално признание во македонската категорија добива филмот „Зајак“ на Ханис Багашов. Прекрасен расказ адаптиран на современ начин, кој одлично функционира во контекстот на приказната. Иако станува збор за стар мотив, авторот умешно го поставува во денешно време, преку тинејџерски ликови, зборувајќи за нешто навидум едноставно – љубовта. И покрај тоа што во филмот играат натуршчици, режисерски е постигнато врвно ниво на актерска игра. За најдобар филм од Националната програма го прогласуваме филмот „Мала шега“ на режисерот Трифун Ситниковски – се наведува во одлуката на жирито.
За најдобар филм во категоријата Соочување со минатото е прогласен филмот „Човекот кој не можеше да молчи“ на Небојша Сљепчевиќ – филм што ја прикажува војната без директно да ја прикаже војната, со суптилен и зрел пристап, кој остава длабок впечаток, филм што ја обележи годината.
– Филмот се издвојува поради длабочината на приказната, мајсторската режија, беспрекорната актерска игра и впечатливата фотографија. Целосно заокружено филмско остварување во секој поглед – не само технички туку и емотивно, филм што не те остава рамнодушен. Без размислување, комисијата беше едногласна дека најдобар филм во Интернационалната категорија е филмот „О“ на Рунар Рунарсон. И за крај, за најдобар филм на годинашното издание на „Дрим шорт“ го прогласуваме филмот „О“ на Рунар Рунарсон – вели жирито.
За најдобар филм од публиката беше изгласан филмот „Остров“ на Бранко Костески.