Заврши 4. издание на фестивалот „Преку езерото“

Со прогласување на добитниците на наградите, заврши 4. издание на фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“. Беа прогласени победниците и беше доделена големата награда за најдобар филм на Медитеранот, како и наградите за најдобар режисер на Медитеранот, најдобра актерка и најдобар актер на Медитеранот, најдобар композитор на оригинална филмска музика на Медитеранот и најдобар кусометражен филм на Медитеранот, за кои одлучуваше жирито во состав: Христос Пасалис, Теодосија Добријанова и Игор Анѓелков.
– Во изминатите неколку дена гледавме неколку прекрасни, возбудливи, итни филмови, многу различни еден од друг, од различни држави, секој со своја естетика и предмет на интересирање. Погледнавме филмови што отсликуваат некои од најитните прашања со кои денес се соочуваат Балканот и Медитеранот. Го видовме регионот како рута, но и како последна станица. Како дом и како ладен, индиферентен домаќин. Филмовите заедно создаваат палета од човечки искуства што нам сега ни изгледаат барем малку поблиски – рече Христос Пасалис, претседател на жирито.
Главната награда за најдобар медитерански филм на фестивалот „Преку езерото“ ја доби филмот „Мали проблематични девојки“ на Уршка Ѓукиќ, за автентичното прикажување на моминското детство и тинејџерската сексуалност. Станува збор за длабоко и лежерно сензуално деби, кое отворено зборува за копнежот по оваа речиси неистражена територија помеѓу детството и животот на возрасните.
Наградата за најдобар краток филм ја добија два филма – „Момчето со бела кожа“ од Симон Панау и „Бланш“ од Јоана Ракотариса.
– Наградата им ја доделуваме на два исклучителни филма што нѐ импресионираа со оригиналноста и моќно раскажаните приказни. За сложеното и искрено филмско творештво, за нежното прикажување на семејните врски и суптилниот пристап кон сложените теми, како расната дискриминација и малтретирање, за фасцинантните изведби на двата млади главни лика, Луна Робин како Заза и Лоиција Даненхофер како Ана, чија кариера сигурно ќе ја следиме, наградата ја добива филмот „Бланш“ од режисерката Јоана Ракотариса. И исто така на филм што е и политички, и поетски многу оригинален, филм што нè изненади со својата оригиналност и атмосфера. За само петнаесет минути, успева да нè потопи во подземен свет исполнет и со надеж и со очај – свет што е истовремено сонлив и сурово реален. Наградата ја добива „Момчето со бела кожа“ од Симон Панау – рече Пасалис.
Наградата за најдобра музика ја доби „Каде било кога било“ од Милад Тангшир, за филм што ја користи музиката не како заднина или атмосфера, туку како лик во наративот. Како секогаш присутен ентитет, нотите на музиката го следат протагонистот низ улиците на Торино, исполнувајќи ја сликата со носталгија, убавина и тага. Наградата за најдобра актерка оди кај Фереште Хосеини за нејзиното фасцинантно толкување на модерната Антигона. Делејќи го истото име со својот протагонист, Хосеини отелотворува млада жена сместена во незамисливи услови, која одбива да биде сведена на стереотипи и очекувања за тоа како треба да се однесува еден бегалец, сопруга или жена и инсистира за првпат во својот живот, да биде сослушана. Наградата за најдобар актер му припадна на актерот Акилас Каразисис за улогата на Такис во филмот „Месо“, кој, со прецизност, внатрешна длабочина и избегнување клишеа, оживува лик полн со противречности.
Наградата за најдобар режисер ја добива Уршка Ѓукиќ за филмот „Мали палави девојки“, за креативниот процес на откривање на самиот живот, храбриот пристап кон разбирањето на сложеноста на младоста преку автентично раскажување, кое ги комбинира желбата, сексуалноста и верата на динамичен и оригинален начин. Специјално споменување и за филмот „Каде било кога било“ од Милад Тангшир, кој со документарна вистина, детали и вистинска топлина го прикажува секојдневниот живот на еден имигрант во денешна Европа.
Студентското жири ја донесе одлуката наградата „Најдобрата медитеранска приказна“ да му ја додели на филмот „Каде било кога било“ на Милад Тангшир, бидејќи овој филм покажува како безвременските теми можат моќно да се преосмислат во убедлива приказна што зборува за денешната општествена реалност.
По доделувањето на наградите, менторите на работилницата за развој на дипломски и дебитантски краток филм, Александар Русјаков и Дејан Милошевски, и директорот на фестивалот на медитеранскиот и балканскиот филм, Јани Бојаџи, ги соопштија годинашните добитници на грантови за развој и продукција на дипломски и дебитантски краток филм, по што следуваше проекција на филмот „Постојам“ на Јоргос Цимберопулос (Грција).