(Влатко Галевски: „Калиграфи на филмското писмо“, „Флип бук“, 2025, Скопје)
Во книгата со прецизен наслов „Калиграфи на филмското писмо“, филмофилскиот вруток на Галевски е понесен од дванаесетмина (бројка со особена духовна бранова длабочина) мајстори на филмскиот занает, секој со својствена, индивидуална свесност во градењето на своите оригинални остварувања. Силно дејствувачки и препознатливи, но и лично протолкувани и изградени се визуелните шифри на уметничкиот филм, некогаш преку динамизирање, некогаш со одолжување на дејството, некогаш преку интимни, камерни сцени, некогаш во широки, отворени простори, па Галевски со втемелена верба ги издвојува во креативниот арсенал на уметничкото артхаус кино. „Артхаус филмовите обезбедуваат карактеристична перспектива, предизвикувајќи ги традиционалните кинематографски норми…“, вели Галевски, па неговиот одбир на нивните творци, на режисер(к)ите-уметници минува низ своевидна вредносна царинска проверка: Вим Вендерс, Жак Тати, Рој Андерсон, Шантал Акерман, Ингмар Бергман, Ањес Варда, Андреј Тарковски, Бела Тар, Дејвид Линч, Акира Куросава, Ларс фон Трир, Аки Каурасмаки. Оттаму триодниот, триетапен авторски приод на Галевски кон непорекливата иманентност на овие одбрани автори е убедлив доказ на неговата јасна приврзаност кон големите калиграфи на филмското писмо. Но и за неговата внесеност во процесот на обликувањето на оваа книга (во што, преку зачестените дружења можев да се убедам), внесеност на краснописец што се вовлекува во таинствените ходници на имагинацијата.
Структурата на „Калиграфи“ го следи тоа истражување, впуштање, ослободување на авторот Галевски во разоткривањето на творечкиот лавиринт кај секого од одбраните режисери. Во првата етапа тоа е преку есеизираниот портрет на режисерот, во втората, насловена како „референца“, совпаѓањето на неговата филмска постапка со мајсторството во определен занает, во третата етапа замислената случка (поткрепена со неколку вистински факти) се пишува во облик на сосем лична мини-проза, фикција во која режисерот е лик. Така, се воспоставува едно фино струење во ракописот на Галевски, една движечка низа од изненадувања, што „Калиграфи“ го дарува со ритам што отвора различни димензии. Во таа смисла, треба да се споменат и илустративните елементи – портретните цртежи на режисерите и илустрациите на совпаѓачките занаети што на симпатичен начин ја следат оваа богата, инспиративна книга.
За тоа колку е инвентивен благородниот занес со кој Галевски ги напишал страниците на „Калиграфи на филмското писмо“, можат да посведочат и петте „екстра-фикции“ за режисери за кои Галевски ќе пишува можеби во следната книга. Значи пет дијалози (разговори) меѓу:
1. Фелини и Пазолини
2. Два шешири – црниот Карлсбад и белиот Стетсон, со златен ширит врз филцот
3. Пикасо и Дали (патем се спомнува и Буњуел)
4. Леоне и Мориконе (за насловот на еден омилен шпагети-вестерн филм)
5. Мекдона и Линч (и размената на скриени ливчиња)
Би било непристојно од моја страна кон идните љубопитни, разиграни читатели натаму да прераскажувам детали од содржините на ова ретко, медитативно-лудистичко дело на Галевски. Дело во кое филмскиот вљубеник, зналец, книжевник Влатко Галевски ја прескокнал повторливата теорија преку моќната внатрешна, органска творечка потреба што може да се роди само од љубов!