Во амфитеатарот во Дојран свечено беше отворен фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“. Во преполниот амфитеатар на Лазар Ристовски му беше врачена наградата „Мето Јовановски“ за високо достигнување во уметноста на филмот, која фестивалот ја доделува по вторпат, а беше прикажан филмот „Кога летото ќе заврши“ на Данис Тановиќ, како и краткиот дебитантски филм „Боја на темнината“ на Кристијан Костадиновски – краток филм поддржан од работилницата за развој и продукција на дипломски и дебитантски краток филм „Нови бранови“. По проекцијата беа прикажани филмовите од кусометражната селекција: „Растојанието помеѓу нас“ на Лео Фонтен (Франција), „Бланш“ на Јоана Ракотариса (Франција) и „Затемнување“ на Ахмед Елзогби (Египет).
– Среќен сум што сум овде вечерва, Срцето ми е полно. Ја чувствувам вашата љубов вечерва и верувајте дека искрено и на ист начин ви се заблагодарувам на пречекот, на големиот аплауз и на искреноста. Драго ми е што ја добив оваа награда, која го носи името на големиот актер Мето Јовановски, и благодарам што вечерва и тој е со нас на еден симболичен начин. Сметам дека ваквите фестивали се мошне важни. И јас сум основач на еден ваков фестивал во моето родно место и знам колку е важен за средината и за луѓето што живеат таму и кои доаѓаат таму. Дојран е туристичко место, каде што доаѓаат луѓе од сите страни и за нив многу значи. Фестивалите се можност за луѓето што вообичаено не одат во кино, да дојдат и тука да ги видат филмовите – рече Ристовски, кој се заблагодари за доделената награда и посака и следните години да доаѓа во Дојран на „Преку езерото“ како гостин и гледач.
Лазар Ристовски има одиграно повеќе од осумдесет улоги на филм и телевизија, во сите жанрови, на сите јазици на некогашната заедничка земја. Играше на српски, играше на англиски, на француски, на германски…
– Му благодарам на мајсторот на филмот Лазар Ристовски, кој со своето актерско, но и човечко достигнување направи во светот на филмот соништата на илјадници деца, илјадници тинејџери, илјадници студенти, а подоцна илјадници филмаџии по овие балкански и медитерански светови на сонот да создаваат свет составен од приказни за тоа како се расте, како се живее, како се страда, како се љуби и како се создава свет на идеали, свет на совршената причина да постоиме и да создаваме свои соништа во форма на подвижни слики – рече Бојаџи.
Претседателката на советот на фестивалот Мими Ѓоргоска Илиевска во своето поздравно обраќање истакна дека филмските фестивали од одредена точка на гледање претставуваат добро осмислена културна акција, која може да ефектуира посакувани резултати, најмногу на среднорочен или долгорочен план.