Пред споменикот на Ѓурѓејца во близина на село Кладник, со пристојна свеченост денес беше одбележана 122-годишнината од славната битка на Ѓурѓејца, една од ретките битки кои ги добија Илинденците.
– Секогаш кога ќе се спомне Ѓурѓејца, граѓаните на Кичево, но не и само тие, туку и цела Македонија, па и пошироко, треба да застанат простум за да им оддадат должна почит на македонските востаници за јуначкиот подвиг од 4-ти август 1903 година, бидејќи за овој датум се говори со пиетет, почит и восхит, како за ниеден друг настан од поновата историја на македоснкиот народ – потсети Лазе Јакимоски, заменик министер за јавна администрација.
– Помеѓу селата Карбуница и Кадник се одиграла една од најжестоките и најкрвави борби што се воделе за време на Илиденското востание во кичевскиот револуционерен округ, па и пошироко. Оваа битка била единствената каде Македонските востаници извојуваа значајна победа над далеку побројниот и добро вооружен непријател. Кога се зборува за Ѓурѓејца треба да се истакне дека пред оваа решавачка битка, река од луѓе се слевала кон оваа ледина. Со развиорени знамиња, коси, вили, пушки и со гајди и песни измешани комити и селани, дури и жени, оделе како на свадба, а не во сигурна смрт. Токму затоа Ѓурѓејца е нашиот, не само кичевски, туку и македонски непокор – заврши заменик-министерот, Јакимоски.
Инаку за првпат кичевската коњаница својот Илинденски пат го заврши на славната и опеана Ѓурѓејца.
З.А.