Велков не само во Гевгелија туку и пошироко во спортскиот свет беше препознатлив како фудбалер и капитен на Кожуф. Неговиот спортски век е интересен зашто тој беше и одличен кошаркар, дури и учесник на два младински шампионата на Југославија, а играше и ракомет и пинг-понг. Во 1962 година беше прогласен за најдобар спортист на Гевгелија

Ване Велков (1)

Секоја средина, не само кај нас туку насекаде во светот, си има свои спортски sвезди со кои се гордее. Без оглед дали потекнуваат од градска или од рурална средина тие спортисти со своите настапи, без оглед за кој спорт се работи, го привлекуваат вниманието, а откако ќе завршат со својата кариера остануваат во сеќавањата на љубителите на спортот и живеат во нивната меморија. Таков е случајот и со поранешниот фудбалски ас од селото Ѓавато, кој преку своите би рекол мајстории, и тоа во три спорта, кошарка, пинг- понг и фудбал, стана личност што испиша една убава спортска историја. Кога ќе го споменам неговото име, особено оние повозрасните жители од гевгелиско- богданскиот крај веднаш ќе знаат оти станува збор за Ване Велков, човекот што како сестран спортист, посебно и капитен на ФК Кожуф, обележа еден долг период во спортскиот живот во овие наши јужни предели.
Интересно е оти Велков со своите другари, како кошаркар на Партизан, во две сезони ја освојуваше титулата младински шампиони на Македонија. Со оглед на тоа што тој беше еден од најзабележителните играчи, му припадна честа во 1962 година да биде прогласен и за најдобар спортист на Гевгелија.
И јас бев изненаден, кога во текот на снимањето на емисијата за него за серијалот посветен за македонските спортски легенди на „Наша ТВ“, ми рече дека неговиот вистински спортски почеток бил во кошарката, а не во фудбалот. Малку подзастанав во разговорот и прво во себе си реков, па, јас го познавав само како опасната „десетка“ на ФК Кожуф, таму во првата половина од 60-тите години на минатиот век, кога всушност и јас запливав во новинарските води. Меѓутоа, Велков имал друга предисторија, па да видиме каква беше таа?

Почеток низ селските ливади

Гевгелија отсекогаш имала традиција во спортските игри. Можеби причината за тоа е што географски градот е една крстосница помеѓу европскиот и азискиот континент. Токму ваквата положба придонела тука да се сретнуваат не само трговците туку и многуте војски што учествувале во сите оние војни во минатото што се воделе на Балканот. Па, всушност така преку тие воени формации од странските земји, чија концентрација била претежно во Солун, во Македонија е донесена првата фудбалска, а подоцна и одбојкарска и кошаркарска топка. Затоа, не е чудно што младите гевгеличани први имале можност да дојдат во контакт со вистинска топка за сите екипни спортови.
– Ова е точно, но точно е и тоа оти ние како деца немавме можност да играме со такви „вистински“ фудбали. Јас, бидејќи потекнувам од селото Ѓавато, кое е во непосредна близина на Богданци и на Гевгелија, добро се сеќавам на оние таканаречени крпењачи, топки што ги шутиравме по селските ливади. Нив ги правевме многу лесно, ќе стуткавме хартија, ќе ја обвиевме со крпа и веќе имавме топка. Но иако таа не отскокнуваше на тревата, ниту, пак, даваше можност со неа да се покаже некоја фудбалска мајсторија, бевме задоволни, зашто, сепак, најдовме начин, иако во едни примитивни услови, да спортуваме и да се разонодуваме. Таков беше почетокот, дури подоцна откако заминавме на училиште во поголемите места ја почувствувавме онаа вистинска убавина на спортот. Што се однесува до мене, јас вистинскиот спортски почеток го имав кога отидов на училиште во Богданци. Но интересно е што тој почеток не беше во фудбал, туку во ракомет. Сето тоа беше благодарејќи на нашиот наставник Благој Василев, кој потекнуваше од Стојаково и кој настојуваше да нѐ насочи во сите спортови. Така, прво почнав да играм ракомет, потоа и пинг- понг. Со еден збор, за сѐ бев заинтересиран и сѐ ми одеше од рака. Прашање беше само за кој спорт ќе се определам. Кога се префрлив од Богданци во Гевгелија за да го продолжам школувањето, сите очекуваа да заиграм фудбал, зашто навистина за овој спорт бев надарен, а и најмногу го посакував. Но повторно кај мене доаѓа до една колебливост и наместо фудбал почнав да играм кошарка – вели Велков.

И Лечиќ се заинтересира за Ване

Причина за ваквото решение секако беше и фактот што кошарката во Гевгелија како и во цела Македонија стана многу популарна. Тогаш од школување во Белград, во класата на професорот д-р Аца Обрадовиќ, познат светски кошаркарски стручњак, во Скопје се врати Лазар Лечиќ, кој отвори еден нов прозорец за развојот на кошарката. Тој беше тренерот што почна да ги применува современите методи во тренажниот процес и така љубителите на кошарката кај нас, преку Работнички, всушност, се запознаа со многуте промени во овој спорт. Впрочем, тогаш почна да се игра онаа модерна кошарка на подрачјето на поранешната држава, па нормално беше тој тренд да се прошири и кај нас во Македонија. Затоа, не случајно за Лазар Лечиќ, кој, за жал, минатата година во август почина, се вели оти е основоположник на модерната кошарка. Дури се оди дотаму, што е и вистина, кога многумина ќе кажат оти Лечиќ е татко на кошарката во Македонија.
– Токму тој, Лечиќ, кој стана еден од најдобрите и најпопуларни југословенски тренери, беше заинтересиран и мене да ме види во Работнички. Но до тоа не дојде, оти во тој период и во Гевгелија кошарката зеде голем замав и немаше причини кариерата да ја продолжам во друг клуб. За моја среќа во тоа време Гевгелија имаше една талентирана генерација во која се истакнуваше извонредниот Диманчев. Тој беше одличен техничар со прецизна рака, кој подолго остана од мене во овој спорт. Интересно за љубителите на кошарката кај нас е да знаат оти екипата на Партизан две години беше републички младински шампион, и тоа во 1961 и во 1962 година. Така, бевме претставници на Македонија, прво на државното првенство во Славонски Брод, а потоа и во Љубљана, каде што натпреварите се играа во салата „Тиволи“, во која по седум-осум години Југославија на Светскиот шампионат за сениори ја освои титулата светски првак. Интересно е да споменам оти и тогаш во стручниот штаб предводен од Ранко Жеравица се наоѓаше како прв негов асистент токму Лазар Лечиќ, кој многу години претходно сакаше и мене да ме доведе во Работнички, кога всушност се создаваше оваа екипа. Ако го сторев тоа, а штом еден тренерска ас како Лечиќ веруваше во мене, можеби далеку ќе стигнев. Но, сепак, во срцето повеќе го имав фудбалот и не можев да пресечам, особено и од фактот што припаѓам на ова наше јужно поднебје во кое има многу фудбалски таленти. Во еден момент си помислив и се запрашав зошто и јас не би можел да стигнам до фудбалските височини? Тогаш го направив вистинскиот чекор, дојдов во ФК Кожуф, кој во наредните години се натпреваруваше во Македонската лига, во која претставуваше сериозен противник за секоја екипа – рече тој.

Конечно посветен само на фудбалот

Во периодот кога фудбалската игра во нашиот најјужен град застануваше на цврсти нозе, заслуга за тоа имаше професорот по историја Зафир Хаџимитров. Многумина за него велат оти тој бил толку многу опседнат со фудбалот, така што за него друга поважна работа немало. Токму неговите идеи биле идентични со сите оние што велеа оти „фудбалот е најубавата споредна работа во светот“.
– Во своја средина да имаш еден таков ентузијаст полн со енергија, навистина беше благодат за клубот. Тој беше мотор на сите активности и е еден од најзаслужните што Кожуф имаше нормален живот и сигурна егзистенција. За мене повеќе немаше дилеми. Се определив на фудбалот, иако во душата ја носев и помалку тагував за кошарката. И таму не ми беше лошо и бев задоволен. Но, сепак, фудбалот е фудбал, а Гевгелија фудбалски град и тоа беше пресудно каде да го насочам мојот спортски живот. Повеќе немаше експерименти со други спортови особено и од фактот што во клубот бев одлично прифатен дури и почитуван за она што го имав претходно постигнато во кошарката. Инаку, заслуга што се најдов во ФК Кожуф имаше еден голман по име Ото, кој ме гледал кога ние кошаркарките на некој тренинг за да ни биде поинтересно ќе заигравме фудбал. Тој ме забележал и веројатно почувствувал оти кај мене има нешто фудбалско, па му предложил на „главниот“ во Кожуф (Хаџимитров) да разговара со мене и доколку јас се согласам, да дојдам во Кожуф. Многу не размислував и ја прифатив неговата понуда. Така, по многуте патешествија се најдов во редовите на ФК Кожуф. Тука, како конечно да се најдов самиот себе и повеќе не размислував за друг спорт, туку само за фудбалот – вели Велков.
И навистина, Ване Велков токму овде го достигна својот спортски зенит. Иако имаше понуди од други поголеми клубови, тој остана верен на Кожуф, кој практично му ја отвори вратата кон спортската афирмација.
За тоа, како течеше фудбалскиот живот на легендарниот фудбалер, за доживувањата, за убавите, но и непријатните моменти на фудбалскиот терен, ќе читате идната недела.


Ване Велков, сестран спортист

Роден: во 1942 година во селото Ѓавато (Гевгелиско)
Кариера: Кошаркарски клуб Партизан од Гевгелија, ФК Мајданпек и ФК Кожуф
Спортски успеси: Двапати со КК Партизан младински првак на Македонија и учесник на првенствата на поранешна Југославија во Славонски Брод и во Љубљана, во 1962 година беше прогласен за најдобар спортист на Гевгелија, долгогодишен капитен на фудбалскиот клуб Кожуф