Фото: ЕПА

Водечкиот тим во лигата ја оствари седмата победа без примен гол сезонава, како и седмиот последователен триумф, со што сега има предност од 11 бода на врвот на табелата

ФУДБАЛ – ПРВЕНСТВО НА САД

Канзас сити карент на македонскиот стручњак Влатко Андоновски ја почна втората половина од регуларната сезона во Националната женска фудбалска лига (НВСЛ) на САД на силен начин, победувајќи го Луисвил со 2-0 во 14. коло, на гости, и ја зголеми предноста на табелата. Канзас сити ја оствари својата седма победа без примен гол сезонава, како и седмиот последователен триумф, со што сега има предност од 11 бода на врвот на табелата пред актуелниот шампион Орландо (кој има еден меч помалку) и Сан Диего. Тимот на Андоновски во 14-те кола досега во НВСЛ оствари 12 победи и два пораза, има најефикасен напад (постигна 31 гол) и најдобра одбрана (прими 10 погодока, колку што има и Орландо).
Првенството на САД имаше повеќе од еден месец пауза поради настапите на фудбалерките на континенталните првенства во Европа, Африка, Океанија и во Јужна Америка.
– Беше многу важно, им кажав на фудбалерките по натпреварот дека сум многу горд на нив. Имавме пауза и потребно е малку време за да се забрза темпото кога го имате првиот натпревар на гостински терен. Но мислам дека продолживме токму таму каде што застанавме, дојдовме до голема победа на гостински терен, а сега се враќаме во Канзас Сити и се подготвуваме за следниот меч – рече Андоновски, пренесе Канзас сити карент на својата интернет-страница.
Канзас сити гостува и во следното коло, кај Јута ројалс. По 26 кола од регуларниот дел од сезоната, најдобрите осум тима ќе се пласираат во четврт-финалето на плејофот. Н.М.