Тензиите меѓу двете земји постојат со години, главно поради притисокот на Унгарија за поголема автономија за етничките Унгарци во Трансилванија, регион на Романија што некогаш беше дел од Австроунгарската Империја. Континуираното вклучување на Будимпешта во прашањата на малцинствата честопати предизвикуваше тензии со Букурешт, но во ниту еден момент тоа не беше искористено за блокада на романските евроинтеграции од страна на Будимпешта
ЕВРОИНТЕГРАЦИСКИ ПАРАЛЕЛИ: БИЛАТЕРАЛНИТЕ ПРАШАЊА МЕЃУ УНГАРИЈА И РОМАНИЈА НИКОГАШ НЕ БИЛЕ ПРЕД ТЕМЕЛНИТЕ ЕВРОПСКИ ИНТЕГРАЦИСКИ КРИТЕРИУМИ
Билатерализацијата на пристапните преговори целосно го компромитираше процесот на проширување на Европската Унија, неправедно оставајќи дел од земјите кандидатки во европската чекалница само затоа што некои земји членки имаат одредени барања кон нив.
Сепак, своевремено кога се случи најголемото европско проширување многу земји кандидатки тогаш имаа меѓусебно нерешени билатерални прашања, некои за границите, некои за односот кон малцинствата, но ниту една не беше спречена во намерата да стане дел од Унијата откако претходно ги исполнија Копенхашките критериуми.
Во таков дух се случи и приемот на Романија и Бугарија во ЕУ, кои без оглед што ги немаа исполнето целосно европските критериуми, не покажуваа доволно грижа за малцинствата на своја територија, сепак не беа блокирани од земјите што имаа отворени прашања токму со овие земји.
Неодамна унгарскиот премиер Виктор Орбан се сретна со својот романски колега Илие Болојан во Букурешт, во ретка дипломатска увертира што може да сигнализира пресвртница во односите меѓу двете земји, кои долго време се затегнати поради спорови околу правата на малцинствата. Средбата ја иницираше Орбан и се фокусираше на зајакнување на билатералната соработка, според портпаролката на романската влада Јоана Догиоу.
Тензиите меѓу двете земји постојат со години, главно поради притисокот на Унгарија за поголема автономија за етничките Унгарци во Трансилванија, регион на Романија што некогаш беше дел од Австроунгарската Империја. Континуираното вклучување на Будимпешта во прашањата на малцинствата честопати предизвикуваше тензии со Букурешт.
Односите почнаа да се подобруваат во 2024 година, особено откако Унгарија ја поддржа кандидатурата на Романија за приклучување кон шенген-зоната.
Сега се чини дека Будимпешта сигнализира обновена отвореност за соработка.
– Веруваме дека постои пат напред за развивање на соработката меѓу нашите две земји – рече Немет Жолт, претседател на комисијата за надворешна политика на унгарскиот парламент, зборувајќи во средата на отворањето на Летниот универзитет во Баиле Тушнад.
Сето ова најдобро покажува како две соседни земји треба да соработуваат, кои и покрај отворените разлики, сепак меѓусебно не се блокираат туку оставаат одреден временски простор и повремено разговараат за отворените прашања. Однесувањето на Унгарија кон Романија може да биде добар пример и за Бугарија да овозможи Македонија да напредува во евроинтегративните процеси, а подоцна во некоја друга атмосфера да се разговара за разликите.
– Унгарија своевремено можеше да ја блокира Романија и да бара автономија за големото унгарско малцинство таму, но не го направи тоа. Можеше и сега да стави блокада и за влез во шенген-зоната, но и тука покажа кооперативност. Колку и да ја оцрнуваат, сепак Унгарија држи кога се работи за поширокиот европски интерес. Бугарија не го прави тоа, туку се води исклучиво од лични интереси и затоа во недоглед ќе блокира додека не добие сѐ што сака. Тоа не е европско однесување, туку класично балканско. Ништо немаше да ја чини Бугарија да прифати уставни измени со одложено дејство бидејќи ако преговорите се одвиваат брзо, како што вели ЕУ, тогаш за три-четири години Бугарите ќе станат дел од македонскиот Устав. Но очигледно не е само тоа, па затоа Бугарија не се однесува како Унгарија, Словенија и Австрија кога станува збор за приемот на нови членки – заклучуваат соговорниците. С.Т.