Македонија во мундијалските претквалификации ќе се сретне со Романија в сабота и на 13 август и со Унгарија на 9 август и на 20 август, во групата Б, од која победникот и второпласираниот ќе настапат во квалификациите за СП 2027
КОШАРКА – В САБОТА ВО КУМАНОВО
Кошаркарската репрезентација на Македонија ги продолжи подготовките во Скопје, а за денеска е планирано да замине во Куманово, каде што в сабота (од 20 часот) со натпреварот со Романија, во групата Б, го почнува настапот во претквалификациите за пласман на Светското првенство во 2027 година во Катар.
Во оваа претквалификациска група е и селекцијата на Унгарија. Двете првопласирани репрезентации од секоја од четирите групи ќе играат во квалификациите за СП 2027. Во овој подготвителен период Македонија двапати ја победи Швајцарија, со 62-56 и со 65-52, во тест-средби одиграни во Негорски Бањи.
Според информациите, Македонија и Романија досега одиграле пет меѓусебни средби, сите во квалификации за европските првенства (за ЕП во 1993, 1999 и во 2021 година), а сега првпат ќе се сретнат во циклусот за пласман на светски шампионат. Досега Македонија забележа три победи (две во квалификациите за ЕП 1999 и една за ЕП 2021) и два пораза на дуелите со Романија. Со Унгарија, пак, македонската репрезентација досега одиграла осум меча, исто така, сите во мундијалски квалификации, а забележала пет победи.
Од неодамнешните средби, Македонија и Романија играа меѓу себе во квалификациите за Европското првенство во 2021 година, во кои двете репрезентации победија на домашен терен, Македонија со 90-76 во 2018 година, а Романија со 65-53 во 2019 година. Македонската репрезентација досега пет пати играла на европските првенства (најдобар пласман е четвртото место во 2011 година), а Романија има 18 учества на континенталните шампионати (најдобар пласман се петтите места во 1957 и во 1967 година). Двете репрезентации досега не играле на светско првенство во кошарка. Н.М.
ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2027
Група Б
Македонија – Романија сабота, 20 ч.
Романија – Унгарија 6 август
Унгарија – Македонија 9 август
Романија – Македонија 13 август
Унгарија – Романија 16 август
Македонија – Унгарија 20 август