Фото: „Нова Македонија“

Задоволен сум од досега сработеното, но имаме уште многу за работа, вели селекторот Илиевски. Црвено-жолтите во подготовките двапати ја победија Швајцарија, со 62-56 и со 65-52, а претквалификациите ги почнуваат в сабота, со мечот со Романија, во Куманово

КОШАРКА – ВО ПРЕСРЕТ НА ПОЧЕТОКОТ НА ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА СП 2027

Секогаш ќе се согласам и ќе кажам дека без разлика колку поени сме постигнале, треба што помалку да примиме. Тоа што ме радува се енергијата и хемијата што функционираат беспрекорно во репрезентацијата, изјави селекторот на македонската репрезентација Марјан Илиевски, пренесе Кошаркарската федерација на Македонија.
Црвено-жолтите се подготвуваат за настап во претквалификациите за пласман на Светското првенство во 2027 година во Катар. Во минатата недела Македонија двапати ја победи Швајцарија, со 62-56 и со 65-52, во тест-средби одиграни во Негорски Бањи.
– Во однос на загубените топки бевме подобри од првиот меч. Некои од играчите се жалеа на болка и затоа не беа во конкуренција. Забелешката што ја имаат некои се кошевите што се постигнати помалку, а имавме кошаркари што се на 20-годишна возраст, кои треба да ги поддржиме. Нормално е да има пад на играта кога ќе бидат на теренот. На двата меча почнавме со различни петорки, но веќе имаме визија кој и колку може. Меѓутоа, многу кратко сме заедно за да фаворизирам некои пет играчи – вели Илиевски, пренесе КФМ.
Македонија в сабота (од 20 часот) во првото коло игра дома со Романија, во Куманово, во групата Б, во која е и Унгарија. Првопласираните две селекции од секоја од четирите претквалификациски групи ќе се пласираат во првиот дел од квалификациите.
– Нѐ краси транзиција и тоа што секој играч го дава максимумот. Задоволен сум од досега сработеното, но имаме уште многу за работа. Романија уште не сме ја анализирале, зашто не знаеме кој е нивниот странски играч, иако веќе знаеме кој е носител на нивната игра, па тоа ќе го видиме во следните денови – вели Илиевски, пренесе КФМ. Н.М.