Премиерот Христијан Мицкоски денеска истакна дека земјотресот, што пред 62 години го погоди Скопје е потсетник дека животот може да се промени за миг, но и дека во најтешките моменти токму солидарноста, човечноста и заедништвото се најважни за обновата.
– Земјотресот не потсети дека животот може да се промени за миг. Но и дека во најтешките моменти, токму солидарноста, човечноста и заедништвото се темелот врз кој можеме повторно да го изградиме градот. Скопје е денес симбол на истрајноста и солидарноста – истакна Мицкоски во објава на Фејсбук.
Премиерот потсети дека минале 62 години од земјотресот во кој Скопје го доживеа најтешкиот момент во својата историја.
– Земјотресот што го разурна градот однесе над 1.000 животи, илјадници беа повредени, а стотици илјади останаа без покрив над глава. Денес по 62 години, се сеќаваме не само на болката, туку и на светлината што ја донесоа луѓето од светот – истакна тој.
Потсети и дека над 80 држави испратиле помош, медицински тимови, храна, шатори и поддршка.
– Обединетите нации го прогласија Скопје за град на светска солидарност, а токму таа подадена рака од целиот свет помогна градот повторно да се изгради – истакна Мицкоски.