Во фудбал, кошарка, ракомет, ватерполо и во футсал Шпанија во претходните три години во машка и во женска конкуренција освои титули на светски и европски првенства, на летни олимписки игри, како и на други континентални и планетарни натпреварувања
ПО ТРИУМФОТ НА СП 2025 ВО ВАТЕРПОЛО ЗА МАЖИ
Репрезентацијата на Шпанија четврти пат е светски првак во ватерполо, откако славеше на дуелот со Унгарија со 15-13 во финалето на Светското првенство (СП) што се одигра во Сингапур. Со тоа сега Шпанија ја обедини светската со европската титула, освоена лани, а годинава победи и во 18-то издание на Светскиот куп во ватерполо.
Со триумфот на СП 2025 во ватерполо Шпанија во моментов е актуелен победник во 10 натпреварувања во пет од екипните спортови, мажи и жени. Така, во машка конкуренција Шпанија има светски и европски првак и победник на Светскиот куп во ватерполо, потоа европски шампион во фудбал, континентален првак во кошарка, олимписки победник во ракомет…, а во женска конкуренција Шпанија е светски првак и победник на Лигата на нациите во фудбал, олимписки шампион во ватерполо, европски вицешампион во кошарка, европски првак во футсал… Женската фудбалска репрезентацијата утре игра и за европската титула (финале со Англија на континенталното првенство што се одржува во Швајцарија).
Вкупно, Шпанија, во машка и во женска конкуренција заедно, има 47 златни медали во шест од екипните спортови освоени на светски (СП) и европски првенства (ЕП) и на летни олимписки игри (ЛОИ), како и на други континентални и планетарни натпреварувања, како што се светски купови (СК), светски лиги (СЛ), лиги на нации (ЛН)… Така, Шпанија има осум трофеи во фудбал (два на СП, четири на ЕП, два во ЛН), 10 во кошарка (два на СП, осум на ЕП), четири во ракомет (по два на СП и на ЕП), по 12 во ватерполо (пет на СП, четири на ЕП, два на ЛОИ, еден во СЛ) и во футсал (два на СП, 10 на ЕП), а има и една европска титула во одбојка. Н.М.
АКТУЕЛНИ РЕЗУЛТАТИ НА НЕКОИ РЕПРЕЗЕНТАЦИИ НА ШПАНИЈА
МАЖИ
фудбал европски првак (2024 г.)
кошарка европски првак (2022 г.)
ракомет олимписки првак (2024 г.)
ватерполо победник на ЕП (2024 г.), СП и на СЛ (2025 г.)
футсал 3. место на ЕП (2022 г.)
ЖЕНИ
фудбал светски првак (2023 г.), првак на ЛН (2024 г.)
кошарка 2. место на ЕП (2025 г.)
ракомет 12. место на ЛОИ (2024 г.)
ватерполо олимписки првак (2024 г.)
футсал европски првак (2023 г.)
ЕП – европско првенство; СП – светско првенство;
СЛ – Светска лига, ЛОИ – Летни олимписки игри;
ЛН – Лига на нации